Дел од повредените остануваат на лекување во странство, започнува долгорочна рехабилитација
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, информира дека првите пациенти повредени во пожарот во Кочани, кои се лекуваат во странство, ќе бидат вратени во земјава в понеделник. Веќе се работи на планот за нивната понатамошна рехабилитација.
Вкупната бројка на повредени достигна околу 200, од кои 72 пациенти се лекуваат во македонските болници, а 111 во странство. Денеска завршија последните транспорти – три пациенти се префрлени во Турција, седум во Шпанија, а последниот транспорт со двајца повредени беше во Чешката Република.
Поврзани објави
Клековски истакна дека сите пациенти се згрижени во најдобри можни услови според тежината на повредите, а македонското здравство максимално пожртвувано го прифати првиот бран од околу 150 пациенти. Првите транспорти на критично повредените започнаа уште во првите 12 часа од несреќата, кон Грција, Бугарија, Турција и Србија, а подоцна беше активиран и механизмот за цивилна заштита на Европската унија.
На терен пристигнаа и медицински тимови од Србија, Израел и Чешка со експертиза за третман на изгореници, кои пружија поддршка на македонските здравствени работници.
Во меѓувреме, почнати се подготовките за темелни реформи во македонското здравство, со поддршка од британски и израелски експерти. Оваа трагедија, како што нагласи Клековски, ќе има долгорочни последици, а во следните години ќе се работи на медицинска, рехабилитациска и психосоцијална помош за сите погодени од настанот.
Фото: принтскрин социјални мрежи и Јутјуб