Трагичен крај на легендарниот актер Џин Хекмен – бил пронајден мртов на 95 години, заедно со сопругата и кучето
Холивудскиот великан Џин Хекмен, неговата сопруга Бетси Аракава и нивното куче биле пронајдени мртви во нивниот дом во Санта Фе, во Њу Мексико. Оваа тажна вест го потресе филмскиот свет и неговите обожаватели ширум планетата.
Хекмен, кој во текот на својата богата кариера освоил два „оскара“ и оставил неизбришлива трага во филмската индустрија, последните две децении ги поминал подалеку од очите на јавноста. Се повлекол од глумата во 2004 година и му се посветил на мирниот живот со сопругата, одбегнувајќи го медиумското внимание и уживајќи во природа и пишување.
Папараците го забележале неговото последно појавување во јавноста минатата година, кога бил виден во маалска продавница во Санта Фе како купува кафе.
Поврзани објави
Тогаш, 94-годишниот актер бил речиси непрепознатлив – годините оставиле трага, бил свиткан, отежнато се движел и носел качкет за да биде што понезабележлив. Овие фотографии го заобиколиле светот, привлекувајќи големо внимание и предизвикувајќи загриженост кај обожавателите, кои го паметат по виталноста и енергијата со која доминирал на филмското платно.
Хекмен зад себе оставил импресивна филмографија со улогите во класици, како „Француски врски“, „Некршливите“, „Непростливите“, но и со легендарниот глас во бројни нарации и документарни проекти.
Истрагата за причините за смртта сè уште е во тек, но светот неповратно изгуби еден од најголемите актерски таленти на сите времиња.
ФОТО: Јутјуб