Почетна МакедонијаСе размислува за законски измени за повисоки казни во сообраќајот

Се размислува за законски измени за повисоки казни во сообраќајот

од nenad
2 минути читај за




Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во изјава за медиумите рече дека сериозно се размислува за законски измени во делот на казните за направени прекршоци во сообраќајот, но според него, важно е да се подигне и јавната свест.

Се работи и во делот на законските измени каде сериозно се разгледува можноста за порестриктивни, повисоки казни, меѓутоа најважно е да ја промениме свеста. Не може ако знакот е 60, некој да вози 100, ако е знакот 100, некој да вози 200. Да ја подигнеме јавната свест и како родители не треба да им се овозможиме на децата кои се малолетни да имаат средство со кое ќе бидат учесници во сообраќајот. Пред се тука мислам на моторчиња или свесно да возат возила без возачка дозвола, рече Јанев.

   

Бирото за јавна безбедност во соработка со Министерството за внатрешни работи веќе ги детектирале и црните точки на сообраќајот низ целата држава и најавуваат акции за подобрување на сообраќајната култура. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во фејсбук статус објавен по сообраќајната несреќа на булеварот „Партизанска“ каде загина 22-годишната Фросина Кулакова, го отвори прашањето за законски измени и најави дека наскоро ќе биде ставен во функција системот „Безбеден град“. Дваесет и двегодишната девојка пред три дена беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин. На Јованов му е определен 30-дневен притвор.

Вчера, граѓани организирани преку социјалните мрежи одржаа мирен протест на местото каде загина Фросина барајќи одговорност од институциите за неа и за сите жртви во сообраќајни незгоди. За утре во 17 часот повторно е закажан протестен марш под мотото „Кој е следен“. Освен Фросина, на истиот пешачки премин во слична сообраќајна несреќа на 3 април 2015 година почина студентската Фросина Цековска, а на 20 јануари 2022 година на пешачки премин кај крстосницата кај трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ беше прегазена студентката Викторија Николова.