Мислев дека сум фина и цивилизирана личност, која прифаќа различности, жена со широки сфаќања – сè додека не се појави Таа. Бившата девојка на мојот маж. Сепак, знаев за неа. Дури и многу добро го поднесував фактот дека во животот на Владо постоела некоја значајна личност пред мене, но Соња беше само некое име од минатото, безопасен спомен од средно училиште. Не се потресував ни поради тоа што мојата свекрва често пиеше кафе со нејзината мајка, а и знаеше да искоментира дека Соња се снашла одлично во странство, има прекрасен маж и три деца (читај – две повеќе од мене!), голем стан (80 квадрати поголем од нашиот!), автомобил и чуда и дека често прашува за Владо…
Ако толку добро се снашла, зошто прашува за мојот Владо? Ама ајде, си велам, да не се палам без потреба, што ми може од далечната Австралија… Кога, ете ти беља… пред некој ден му испрати барање за пријателство! А тој, ни пет ни шест – ја прифати! И уште ми се пофали, онака патем, „замисли, Дудо, Соња ми испрати барање за пријателство на Фејсбук!“ „Ама, што зборуваш?! И, ти ја прифати? Прекрасно!“ „Белки, не си љубоморна?“ „Кој? Јас? Ама што ти паѓа на памет, чувај боже…“
КОГА ЌЕ СЕ ВКЛУЧИ ЦРВЕНАТА ЛАМБИЧКА
Што да правам, правец на нејзиниот профил, кога – шипинки, не се гледа ништо освен нејзината фотка на профилот… Е, тука почна да ми се вклучи црвената ламбичка. Си мислам, ако си толку среќна и задоволна, како тоа не сакаш да го споделиш со светот?! Нешто смрди, ама, ајде, да не си правам филмови, нема причина за паника, нели? Додека е на другиот крај на светот, може само да ми плукне под прозорец. Ама не е баш така… Пред некој ден седиме кај родителите на Владо на ручек, кога ете ти и мајка му: „Леле, Владо, знаеш ли што има ново? Се враќа Соњичка!“ За малку ќе се удавев со супата. „Соњичка“… Па уште и пред мене…
Зошто е таа Соњичка, а јас никогаш не сум била Дудичка, па дури ни Дуда… Мене секогаш ме ословува со Дубравка, а да може, воопшто и не би ме ословувала по име. „Која Соњичка?“, се правам луда. „Боже“, се прекрстува зачудено, демек како може да не знам која е Соњичка! „Па, Соњичка на Владо.“ А како кажа „на Владо“, така мене ме шибна камшик по грбот. „Мислите бившата девојка на Владо, Соња?“, прашувам. „Многу важно дали е бивша или не, па тоа е нашата Соњичка“, вели старата и се смее од среќа. „Ооо, многу е важно!“, скокнав на Владо штом седнавме во автомобилот.
„И, кога се враќа?“ „За две недели.“ „Доаѓа на одмор?“ „Не. Доаѓа засекогаш. Се развела.“ „Се РАЗВЕЛА?! Како мислиш се развела? А од каде го знаеш ти тоа?“ „Па ми пиша во порака.“ „Кога?“ „Пред ден-два.“ „И ти дури сега ми кажуваш?!“ „Дудо, каква врска има тоа со тебе?“ „Каква врска има со мене? Па, тоа има повеќе врска со мене одошто со тебе.“ Судејќи по насловната фотографија на Фејсбук, Соњичка одлично се држи за свои години. А види ме мене! За две недели нема да стигнам ни косата да ја измијам, а камоли да се средам и да заличам на нешто.
Што ќе правам ако се сретнеме, кутрата јас, како да се појавам пред жената ваква? Сепак, некако мора да ја оправдам титулата „сегашна жена на бившиот дечко“. Па макар бил ѝ дечко од средното училиште. Бивш си е бивш. А бившите девојки се зло. Прават да се сомневаш во себе. Бившите ги будат сите комплекси во тебе. Поради нив помислуваш дека си глупава, грда и смотана. Ја будат фантазијата. И твојата и неговата.
ДИШИ, САМО ДИШИ
„Навистина се филмаш“, вели Гога. „Зар мислиш дека таа се сеќава на него… Колку години поминале оттогаш? Сто? Двесте?“ „Остави го ти тоа, се сеќава, сите се сеќаваме. Тоа е младешка љубов, а тие се паметат. Да се среќаваа, гледаа, немаше да биде толку страшно. Некако ќе навикневме едни на други, ќе стекневме имунитет. Вака, кога ќе се појави онака стегната, па и тазе разведена, има да нè нема, ќе видиш.“ „Не лудувај, тоа е Владо, твојот Владо, кој нема навика да се плетка настрана.“ „Знам, затоа и се плашам. Да беше некој искусен швалер, ќе знаев на што сум, вака ќе го смота во два потега. Таа е подмолна, игра на емоција.“
Поврзани објави
„Добро, не драми! Можеби нема ни да се сретнете…“ А ха. Можеби. Живеев во тоа „можеби“ точно две недели. Но тогаш ми кажа дека друштвенцето се собира во некоја кафеана. Ете, да ја пречекаат… „Ќе го облечам црниот фустан“, му кажав, не оставајќи простор моето присуство да го стави под знак прашалник. Цел ден бев на игли. Петпати се пресоблеков, се шминкав, ја навиткав косата, па ја исправив, ги лакирав ноктите… А во стомакот ми вриеше. Некоја чудна трема…
„Гледај, Владо, те молам немој таму да се однесуваш како кретен. Знам дека вие двајца имате некое минато, некои спомени и емоции, но немој да те касне змија и да ме гледаш попреку, а не пак нешто повеќе од тоа… Јас одам како твоја жена и сакам да се чувствувам како твоја жена, јасно?“ „Јасно.“ „И немој да си седнал до неа, ќе ти ги искршам и двете нозе, разбра?“
„Разбрав.“ Диши, Дудо, само диши, си велев додека се доближувавме до ресторанот. Можеби и не изгледа толку добро во живо. Можеби ја филтрирала фотката на Фејсбук. Можеби ќе ме пречека некоја збрчкана баба од четириесет и кусур. Само диши… Ете, гледаш дека може… Сè е добро.
КАКО ДА НЕ – ДОБРО
Па, и не беше добро. Не ми требаше многу да ја препознаам. И не, не изгледаше како препечена баба. И не беше пониска од мене за една глава. И не личеше на својата насловна фотка, беше трипати поубава отколку на сликата. Ма, од сите мои насловни фотографии заедно! И не седнавме на друга страна од масата, туку таа на чело, тој покрај неа, а јас покрај него. Куртоазно смешкање и клоцање под масата. „Разговараат“, ѝ куцам порака на Гога.
„Си разговараат, додека јас блеам во телефонот како некоја гуска. Да, нè запозна, но не ме претстави со „мојата Дуда“, како што се надевав, туку „ова е мојата сопр… жена“, а потоа се сврте кон мене: „Жено, ова е Соња.“ „Драго ми е“, реков и ја подадов раката, кога, замисли, таа има име, а јас сум само жена. Дури ни сопруга. „Отсекогаш ја сакав твојата смисла за хумор“, вели таа и го гали по рамото. Мене ми дојде да ѝ повратам врз чевлите од 800 долари. Австралиски.
„Владимире, мислам дека ја запоставуваме жена ти“, рече таа во еден миг. „Ние се размуабетивме, а таа само молчи. Можеби е подобро да ги замениме местата, ќе се налути.“ „Кој?“, праша Владо и покажа со прст во мене. „Мојата Дуда? Никогаш! Мојата Дуда е една жена со широки сфаќања, нели Дудичке?“ „Па белки не си љубоморна?“, праша Соња. „Кој? Јас…? Бог да чува, што ти паѓа на памет…“
Текст: Убавина и здравје
Фото: Pexels / Анна Хазова