Хемотерапијата содржи моќни хемикалии кои што ги убиваат брзорастечките канцерогени клетки во телото. Се користи најчесто за третман на карцином, затоа што канцерогените клетки растат и се множат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. На пазарот се достапни бројни видови хемотерапија. Овие медикаменти може да се користат самостојно или во комбинација со други лекови за третман на карцином, пишува Вистиномер.
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и пишува:
МЕДИЦИНА – ЛАГИ И УБИСТВЕН ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ Хемотерапијата е една од најголемите лаги во медицинската историја, заедно со вакцинацијата. Мнозинството онколози не земат хемотерапија –Знаат дека хемотерапијата е канцерогена, како и мамограмите кои предизвикуваат рак. Третата водечка причина за смрт е медицинската интервенција. ~Д-р Дејвид Расник, прочитајте ја неговата книга бесплатно.
Во објавата Расник изнесува повеќе невистини коишто медицината базирана на докази не ги поткрепува. Прво, дека хемотерапијата и вакцинацијата се прогласени за „најголемите лаги во медицинската историја“. Второ, хемотерапијата се прогласува за канцерогена заедно со мамографијата. Трето, се тврди дека третата водечка причина за смрт е медицинската интервенција. Четврто, во видеото тој вели дека „инјекциите предизвикуваат турбо карцином“. Иако од исечокот во објавата не може да се види на кои инјекции мисли, кога ќе се изгледа целото интервју, станува јасно дека зборува за ковид вакцините.
Вакцинацијата претставува единствената превентивна мерка која е достапна за болести за кои не постои познат лек. Освен тоа, вакцинацијата против бактериски инфекции служи како средство за намалување на зависноста од антибиотици и за ублажување на појавата на антибактериска резистенција. Покрај тоа, со вакцинацијата, превенцијата на акутни инфекции може да биде и ефикасно средство за спречување на развојот на потешки и потенцијално смртоносни болести, особено оние предизвикани од одредени вируси за кои е познато дека предизвикуваат карцином, пишува на страницата „Е здравство“ поддржана од македонското Министерство за здравство.
Вакцините на Фајзер и Модерна, кои се мРНК вакцини, беа целосно одобрени во средината на август за сите над 12 години и добија итна авторизација за деца на возраст од 6 месеци до 11 години, пишува на страницата на универзитетот „Јејл“.
Сите вакцини имаат несакани дејства. Важно е да се мерат бенефитите од вакцинацијата споредено со ризикот од несакани ефекти, и тоа да се прави на индивидуално и на популациско ниво. Во најголемиот број случаи, особено со вакцината против ковид 19, бенефитите од заштитата продолжуваат да ги надминуваат ризиците од несакани ефекти од вакцината, вели за „Јејл“ доктор Скот Робертс.
Онколозите не го признаваат турбо карциномот како феномен, ниту пак биолозите, пишува Горски во 2022, пренесуваат проверувачите на факти на Франс Прес.
За време на мамограм ткивото на градата е компресирано за да се намали дебелината на градата и да се добијат висококвалитетни слики. Ниту компресијата на градата ниту количеството на радијација кое се користи при скринингот на мамограмот не предизвикуваат карцином ниту пак предизвикуваат ако има карцином тој да се шири.
Мамографијата е единствената техника докажано безбедна и ефективна за скрининг на карцином на дојка и мамографската опрема е само техника за снимање, лиценцирана за скрининг на карцином на дојка, пишуваат на својот сајт Хелт Канада.
Хемотерапијата не е лага на медицината, но таа има несакани ефекти. Хемотерапијата содржи моќни хемикалии кои што ги убиваат брзорастечките канцерогени клетки во телото. Се користи најчесто за третман на карцином, затоа што канцерогените клетки растат и се множат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. На пазарот се достапни бројни видови хемотерапија. Овие медикаменти може да се користат самостојно или во комбинација со други лекови за третман на карцином.
Иако хемотерапијата е ефективен начин да се третираат многу видови на карцином, хемотерапискиот третман исто така носи со себе и ризик од несакани дејства. Некои се благи и се третираат, додека други може да предизвикаат сериозни компликации. Хемотерапијата може да се користи како примарен или единствен третман за карцином, може да се користи после други третмани како операција, ккао и да убие канцерогени клетки кои можеби преостанале во телото. Хемотерапијата може да помогне да се намалат знаците и симптомите на карциномот преку уништување на некои од канцерогените клетки, пишува на сајтот на клиниката Мајо.
Таму се додава дека чести несакани ефекти од хемотерапија се нагони за повраќање, дијареа, губење на слухот, губење на косата, губење на апетитот, замор, треска, ранички во устата, болка, констипација, лесно модреење на кожата и крварење.
Пред секоја хемотерапија пациентот е тој што одлучува дали ќе го прифати третманот и пред него, лекарите му ги кажуваат и несаканите последици и тоа што може да го искуси после нејзиното примање.
Не може да се каже дека сите онколози кои би заболеле или добиле рак, одбиле хемотерапија без да се види дали за нивниот тип на рак хемотерапијата е препорачлива и дали таа би направила разлика во исходот односно дали би била делотворна итн. Паушално е да се каже дека само онколозите не би зеле хемотерапија без да се наведе дополнителен податок.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.