Унгарија сака да ја спречи Европа да влезе во војна со Русија, изјави денеска премиерот Виктор Орбан на митингот „Марш на мирот“ во Будимпешта и порача дека Унгарците нема да гинат за другите.
-Се чини дека нема сопирачки во провоениот воз, а машиновозачот полудел, рече Орбан, додавајќи дека мора да се повлече сопирачката за итни случаи за да можат барем оние што сакаат да излезат од него и да останат надвор од војната. Орбан зборуваше и за тоа како Унгарија сега е посилна од кога било во последните сто години, дека претставува мирен и силен остров во средината на Европа, но дека клучното прашање е дали ќе се откаже од мирот.
-Ние нема да одиме во војна и нема да гинеме за другите на туѓо тло, рече Орбан, пренесе Индекс.хр.
Тој додаде дека не смее да се дозволи спроведување на опасните планови на ЕУ и НАТО, кои водат до ширење на конфликтот во Украина и ги повика граѓаните на претстојните избори да гласаат за партии кои се залагаат за мир, а не за војна за Европскиот парламент.