На многумина терминот „подмладување на вагината“ не им звучи доволно сериозно, не знаејќи дека зад него се крие постапка со која се отстрануваат уринарна инконтиненција, атрофија на вагината, нејзина сувост и намалена осетливост – проблеми што на голем број жени им го нарушуваат квалитетот на животот. Што треба да знаеме?
За подмладувањето на вагината, надвор од медицинските кругови, често се зборува на шега, а всушност станува збор за третман што решава низа непријатности со кои се соочуваат жени на различна возраст. Сакајќи да објасниме дека не станува збор за некакво „оросување“ и „дотерување“, туку за суптилна и често неопходна процедура, разговаравме со медицински експерти, кои ни објаснија дека станува збор за нехируршки, безбеден и ефикасен третман, со кој се отстрануваат уринарна инконтиненција, атрофија на вагината, нејзина сувост и намалена осетливост.
Се спроведува со најсовремен ласер, а деталите ги дознавме од лекарскиот тим, кој со својата стручност влева доверба, а со својата љубезност го отстранува она чудно чувство што го имаме кога ќе стапнеме во лекарска ординација. Го прашавме она за кое сметавме дека најмногу ве интересира.
„Сега е повторно како порано“
Дизајнерка, 35 години, мајка на три девојчиња
Сите три ќерки ги родив по природен пат, со епидурална анестезија! По породувањата не лежев многу, така што бев убедена дека сум поминала „најдобро што може“. Меѓутоа, не за долго време. За време на првите сексуални односи со мојот сопруг, по раѓањето на третото дете, сфатив дека нештата не се како порано. Не се залажував дека станува збор за психичко доживување бидејќи сум трикратна мајка, ниту дека органите не се вратиле во првобитната состојба бидејќи не поминало доволно време. Во мојот сопруг сум вљубена како и првиот ден и чувствувам голема сексуална привлечност кон него, па по неколкуте обиди исполнети со надеж дека добропознатото чувство ќе ми се врати, сфатив дека трите вагинални породувања дефинитивно оставиле трага.
Се сеќавам дека во три часот по полноќ на Интернет барав решение. Така дознав за фемилифт. Едвај чекав да се разбуди мојот сопруг за да му раскажам што сум дознала. Се јавив во клиниката, закажав преглед, а набрзо го направив и третманот. Знам дека сега ќе ви звучам како жените што се појавуваат во рекламите за да фалат некој производ, но навистина не знам како поинаку да ви го опишам резултатот – сè е како порано благодарение на фемилифтот! Спаѓам меѓу луѓето што не се срамат да зборуваат за најинтимните работи, па веќе им го препорачав на две мои пријателки.
„Веќе утредента бев на работа“
Сопственичка на ресторан, 52 години, мајка на две возрасни деца
Сè почна минатата зима, кога имав тежок бронхитис… Додека кашлав, не успевав да ја задржам урината. Си помислив „тоа е бидејќи силно кашлам“, па кога оздравев, заборавив на тоа. Но неколку месеци подоцна повторно ми се случи истото тоа и кога се смеев. Не ми беше пријатно, но си помислив „не е инконтиненција, едноставно ти се случи“. Во текот на идната година, ми се „случуваше“ и кога ќе потрчав, кивнев, ќе се накашлав… Во тие ситуации, дневните влошки што ги носев со години не беа доволни. Па почнав да носам влошки за менструација.
Само со нив се чувствував сигурно. Којзнае колку време ќе ми беше потребно да се одлучам доколку еден ден не ја слушнев жената што стоеше пред мене во аптеката и ѝ зборуваше на аптекарката за фемилифт. Ги начулив ушите, се обидов да го запомнам името на лекарот што го спомнуваше и, штом стигнав дома, почнав да пребарувам на Интернет. Ова се случуваше во почетокот на октомври, а пред две недели направив фемилифт. Бидејќи приватниот бизнис не толерира боледувања, бев пресреќна што веќе утредента се вратив на работа.
Само за неколку дена сфатив дека ситуацијата се подобрува, а „бонус-изненадување“ беше кога мојот сопруг и јас имавме сексуални односи по третманот. Оптоварена со инконтиненцијата, не стигнав да размислувам за тоа дека годините неминовно носат и сувост на вагината. Докторите ми кажаа дека мојот некогашен проблем дефинитивно ќе се реши по уште два третмана. Не можете да замислите со колкаво нетрпение ги очекувам.
Поврзани објави
Прашавме – дознавме
1 Кои се фазите на третманот, дали се прави под локална анестезија и колку трае?
Станува збор за безболен, минимално инвазивен ласерски третман, па не е потребна локална анестезија. Комплетната постапка трае 30 минути, а поради дејството на ласерот се чувствува мала топлина. За да се утврди состојбата на слузницата пред третманот и нивото на подобрување по него, прво се прави снимка со посебна камера.
2 Дали се чувствува непријатност по третманот и дали е потребно жената да отсуствува од работа?
Нема непријатности по третманот и не е потребно боледување. Единствено ограничување е прекин на сексуалните односи и намалување на интензитетот на физичките активности во следните четири дена.
3 Дали е иста постапката и при третман на инконтиненција и при сувост на вагината?
Третманот е ист во суштина, се разликува само површината врз која се дејствува. Во случај на инконтиненција се третира горниот ѕид на вагината, кој ѝ дава стабилност на уретрата, а кога се работи за атрофија – целата површина.
4 По колку време од третманот доаѓа до подобрување и дали треба да се повтори?
Првите знаци на подобрување се чувствуваат уште во првиот месец од третманот, а бројот на повторувања зависи од тежината на почетната состојба.
Текст: Наташа Човиновска
Фото: Sora Shimazaki from Pexels.jpg