Празниците се одличен повод да отпатувате со саканата личност, а booking.com, кој е светски лидер во поврзување на патниците со најголем избор капацитети за сместување, состави листа на најромантични места за кои можеби и немате слушнато, но на кои вечно ќе се сеќавате.
Делфт, Холандија
Ова историско гратче е едно од оние во чија архитектура и шарм ќе се вљубите веднаш. Родниот град на најславниот холандски сликар Јоханес Вермер е препознатлив по тесните канали, скриените улици и прекрасните камени мостови, идеални за долги романтични прошетки.
Монсараз, Португалија
Место што ви овозможува да ја почувствувате средновековната Португалија. Сместен над реката Гвадијана, овој мал град опкружен со ѕидини е едно од најживописните места во регионот Алентежо.
Фантастични гурмански деликатеси можете да сретнете на секое ќоше, а во некое од локалните ресторанчиња опуштете се со чаша локално вино.
Посетете ги замокот и црквата „Санта Марија“, а за љубителите на шопинг, тука е селото Сао Педро до Корвал, познато по уникатните керамички производи.
Поврзани објави
Требон, Чешка
Бајковито гратче исполнето со средновековни тврдини и идилични пејзажи, кое никого не остава рамнодушен. Комбинацијата на барок и ренесанса го прави овој град совршено место за романтичен одмор. Не заборавајте да ја посетите блиската палата „Шварценберг“, во која почиваат посмртните остатоци на локално благородничко семејство.
Удајпур, Индија
Можеби најубавиот град во Индија, кој зрачи со неверојатен шарм. Препознатлив е по волшебното вештачко езеро Пичола, во чија близина се наоѓа величествена палата, денес претворена во ексклузивен хотел, а се издига среде водата. Уживајте во магично возење со бротче по езерото, посетете ги шарените базари со многубројни интересни тезги, а вечерајте во еден од рестораните на покривите од кои се протега уникатен поглед на прекрасниот одраз на градот во езерото.
Колиур, Франција
Малото рибарско гратче Колиур е вистинско прибежиште за уметничките души, а им беше инспирација и на познатите сликари фовисти, како Анри Матис. Сместен на границата со Шпанија, градот е препознатлив по грандиозните лозја и долгите песочни плажи. Не заборавајте да ги пробате вкусните локални производи што ќе ги најдете на блиските пазари. Оваа област е позната и по големиот број зачини што се употребуваат во гастрономијата.
Текст: Тамара Богунова