Почетна Убавина и здравјеРапсодија од вкусови – Убавина и здравје

Рапсодија од вкусови – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Новогодишниот ручек секогаш може да биде вистински празник за очите, но нека биде празник и за непцата! Сите имаме ритуали за последниот ден во годината, а најголемиот дел се однесува на трпезата.

Оваа година не посегнувајте по старата тетратка со рецепти – ви донесуваме некои за кои сме сигурни дека ќе станат ваше омилено залаче…

ТАРТ СО КОЗЈО СИРЕЊЕ, ПРШУТА И ПЕСТО-СОС

Потребно е:

За тесто: 230 г брашно, ¼ лажиче сол, 125 г путер, 60 г кисела павлака.

За фил од сирење: 250 г козјо сирење, 80 г пршута, 3 јајца, 180 г кисела павлака, црн пипер.

За песто-сос: ¾ шолји листови свеж босилек, 3 чешниња лук, 100 г пармезан, 20 г пињоли (или 50 г индиски орев), 1-1,5 дл маслиново масло, малку сол.

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Тесто: помешајте ги брашното, солта, омекнатиот путер и киселата павлака, па замесете тесто, завиткајте го во најлонска фолија и оставете го 30 минути во ладилник. Извадете го тестото од ладилникот, ставете го врз хартија за печење и развлечете го до дебелина од 1 см во облик на калапот во кој ќе се пече. Префрлете го во калапот, отстранете ја хартијата и добро втиснете ги рабовите, па вратете го уште 15 минути во ладилник.

Фил од сирење: иситнете го сирењето, додајте ги киселата павлака и јајцата, па соединете ги состојките. Зачинете по вкус.

Песто-сос: измијте го босилекот и сомелете го во блендер со лукчето и со пињолите.

Додајте пармезан, постепено додавајте маслиново масло и матете додека добиете смеса како мајонез.

Финална постапка: извадете го тестото од калапот, избоцкајте го со виљушка и печете го во рерна загреана на 200 степени, десетина минути. Кога ќе зарумени, извадете го од рерната, на дното нанесете малку фил, наредете ленти тенко сечена пршута и прелејте со остатокот од филот. Печете на истата температура уште триесетина минути.

ГОВЕДСКО ПЕЧЕНО МЕСО СО ЛУК И МАЈЧИНА ДУШИЦА


Поврзани објави

Потребно е: 1 лажица путер, 1 лажица фино сечкана кора од лимон, 1 лажиче сушена мајчина душица, ½ лажиче крупна сол, ½ лажиче свежо мелен црн пипер, 1 главица лук пресечен на половина, килограм и пол говедски бут.

ПРИГОТВУВАЊЕ: загрејте ја рерната на 220 степени. Во мал сад помешајте ги путерот, лимоновата кора, мајчината душица, солта и црниот пипер. Истријте го месото со преполовената главица лук и од сите страни втријте ја смесата од путер и зачини. Ставете го месото на решетка во поплиток плех за печење и печете го непокриено 10 минути на 220 степени. Намалете ја температурата на 160 степени и печете уште час до час и половина. Ако сакате средно печено, температурата во рерната би требало да биде 62 степени. Извадете го месото, покријте го со фолија и оставете го да одмори десетина минути пред сечењето.

ЧИЗКЕЈК СО КАРАМЕЛИ И ЧОКОЛАДО

Потребно е:

За кора: 300 г мелен кекс, 100 г растопен путер.

Фил од сирење: 400 г крем-сирење, 200 г маскарпоне-сирење, 150 г шеќер во прав, 1 лажиче екстракт од ванила, 150 мл полномасна павлака за шлаг.

За украсување: 70 г тврди карамели, 50 г квалитетно млечно чоколадо.

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Кора: додајте го растопениот путер во мелениот кекс и добро измешајте ја смесата, па распоредете ја на дното на калапот за торта. Оставете ја во ладилник додека го приготвувате филот.

Фил од сирење: направете крем од крем-сирењето, маскарпонето, шеќерот во прав и екстрактот од ванила, матејќи со миксер. Посебно изматете ја павлаката за шлаг, па постепено додавајте ја во филот внимателно мешајќи. Извадете ја кората од ладилникот, врз неа рамномерно нанесете го филот, па вратете го колачот во ладилник. Идеално е да се стегне преку ноќта или најмалку 4 часа пред декорирањето.

Декорација: растопете еден дел од карамелите во микробранова печка, па нанесете ги врз филот од сирење. На ист начин додајте декорација од чоколадото. Завршете со додавање неколку цели карамели и малку рендано чоколадо.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images