Почетна Убавина и здравје„2024 година беше клучна година“ – Убавина и здравје

„2024 година беше клучна година“ – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Ексклузивно интервју на Н.Е. МЕТЈУ ЛОСОН, амбасадор на Обединетото Кралство на Република С. Македонија, за Економист: Светот во 2025-та.

Членството во НАТО продолжува да ги поткрепува нашите односи. На почетокот на оваа година НАТО ја прослави својата 75-годишнина. Како најуспешен воен сојуз во историјата, НАТО ја гарантира безбедноста на над една милијарда луѓе, создавајќи услови за стабилност и просперитет. НАТО е одбранбена организација која никому не се заканува, но е тука за да ги заштити нашите демократии.

Во овој неизвесен свет мора да продолжиме заедно да бидеме тука едни за други. Од незаконската и неиспровоцирана инвазија на Русија, НАТО се засили и ја поддржа Украина и нејзиното право да се брани. Русија, исто така, се обидува да ги поткопа демократиите во регионот и да предизвика поделби. Во 2024 година бевме сведоци на наплив на саботажи, сајбер-напади, користење на миграцијата како оружје и други малигни дејства.

Обединетото Кралство работи со многу партнери во Северна Македонија во спротивставувањето на овие закани. Работиме со граѓанското општество и новинарите во насока на справување со дезинформациите со цел граѓаните да имаат пристап до вистината. Кога Северна Македонија се соочуваше со серија закани за лажни бомби, НАТО беше во можност да испрати експерти за да помогнат во спротивставувањето со нив.

Работиме на унапредување на билатералната соработка меѓу војските на нашите две земји и обезбедување на помош за Северна Македонија во исполнувањето на нејзините НАТО цели за способности и во зајакнувањето на нејзината одбранбена подготвеност. Соработувавме со владата за формирање на Советот за координација на НАТО активности, кој ги зближува сите институции во насока на координација со политиките на НАТО.

Сакам да го истакнам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО. Нејзиниот избор покажува дека за кратко време Северна Македонија цврсто се етаблира како влијателна членка во алијансата. Таа е првата граѓанка и жена од Северна Македонија да заземе олку висока позиција. Земјата сега има посилен глас во меѓународните безбедносни прашања и може да придонесе во обликувањето на политиките и одлуките на НАТО. На премиерот Христијан Мицкоски и на сите граѓани им го честитам овој успех.

Воодушевен сум што водечката програма на Обединетото Кралство – Националната развојна стратегија која е имплементирана од нашите партнери во ОН и ѝ дава на Северна Македонија алатка за долгорочно планирање, не само за владата, туку и за граѓанското општество во нивното ангажирање за иднината на земјата, е усвоена со меѓупартиски консензус во Собранието. Се надевам дека овој британски придонес ја зајакнува демократијата и институциите на Северна Македонија.

Значи, што се очекува за 2025 година?


Поврзани објави

Новата влада на Обединетото Кралство планира да ги ресетира нашите односи со Европа. Безбедноста ќе биде наш надворешен и одбранбен приоритет, но исто така ќе направиме повеќе за да донесеме просперитет на нашиот континент.

Заедно мора да инвестираме во индустриите на иднината за да се справиме со климатската вонредна состојба и да обезбедиме одржлив економски раст за сите.

Обединетото Кралство останува вториот најголем трговски партнер на Северна Македонија, со силни трговски врски во вредност од 2 милијарди фунти. Возбуден сум од можноста на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, кој ќе го олесни пристапот до единствениот европски пазар. Полесниот трговски пристап до над 450 милиони луѓе е значајна можност за владата, за земјата, како и за британските бизниси. Исто така, разгледуваме низа области каде што британските компании можат да помогнат во развојни и комерцијални можности во Северна Македонија, можности во инфраструктура, енергетика, рударство и здравство.

Обединетото Кралство ги поддржува и охрабрува неопходните економски, политички и безбедносни реформи кои ќе имаат длабок и позитивен ефект врз животите на сите граѓани. Справувањето со корупцијата и судските реформи мора да бидат приоритетни како значаен чекор во враќањето на довербата во јавните институции. Владеењето на правото и системот без корупција е од витално значење за бизнис инвестициите. Како амбасада работиме со клучните партнери во правосудството, вклучително и Јавното обвинителство и Академијата на судии за воведување на нови процеси и методологии за зголемување на транспарентноста и отчетноста на судството.

Преку Британскиот совет на Северна Македонија, исто така ќе направиме повеќе за да ги зајакнеме врските меѓу нашите народи и култури, славејќи ја различноста на европскиот континент.

Иднината носи уште поголема поддршка за жените и девојките. Ова е клучен приоритет за Обединетото Кралство. Нашата „Меѓународна стратегија за жени и девојки за периодот од 2023 до 2030 година“ има три клучни приоритети: едукација на девојките, зајакнување на жените и девојките преку застапување на нивното здравје и права и ставање крај на родовото насилство. Нашите тековни проекти со партнерите во Северна Македонија се фокусираат на реформите и поддршката за економското зајакнување и еднаквите права на жените и девојките.

Горд сум на нашите одлични британско-македонски односи и се радувам на градењето на уште посигурна и попросперитетна иднина за двете наши земји.

Текст: Економист – Светот во 2025-та

Фото: Приватна архива