Дури и најдобрите танчари, кои вежбале со месеци, не се имуни на губењето рамнотежа
„Супер беше, видов дека за малку ќе паднеше ама не грижи се, никој не забележа“, беа првите зборови што ми ги кажаа неколкумина по мојот настап на завршната забава организирана од страна на школото каде што држам часови по танц. Точно, за малку ќе паднев. И тоа не еднаш. Секако дека сум свесна за тоа. Најголемиот кошмар на еден танчар е да падне на сцената среде кореографијата. Не само што не можеш да го пропуштиш тој момент, туку и останува врежан во твоето сеќавање засекогаш.
Но паѓањата среде настап се нормални. Секому може да му се случи: трема, блокада, лизгав под… Дури и најдобрите танчари, кои вежбале и се подготвувале со месеци, не се имуни на губењето рамнотежа, а камоли јас. Падот среде настап не го сфаќам како нешто трагично, но неколкуте такви коментари од луѓето со неверојатна моќ за забележување пропусти (секоја чест!) ме поттикнаа на размислување.
Супер беше ама…
Зошто некој би почувствувал потреба да ти укаже на „грешка“ за која знае дека не можеш да направиш апсолутно ништо и за која е свесен дека најверојатно не ти е сеедно? Не е конструктивна критика, не ти помага да се подобриш, не те ни навредува, само суптилно ти дава до знаење дека твојот „пропуст“ е видлив.
Ајде да се вратиме малку на првата реченица. Првиот дел е „супер беше“ – класична пофалба за тоа што си го направил, често се користи од куртоазија, но и како вовед во она што авторот навистина сака да ти го каже. Вториот дел е главниот: „видов дека за малку ќе паднеше“. Ова е, всушност, поентата на целата реченица – да се стави акцент на пропустот што си го направил. Нема цел да ти помогне, само ти нагласува дека твојата „тајна“ е откриена – тајната дека не си безгрешен. Третиот дел е најинтересен: „не грижи се, никој не забележа“. Типична замаскирана утеха што би требало да направи да се чувствуваш подобро. Иако штотуку те потсетив на моментов што сигурно си сакал да го заборавиш, сепак, ти мислам добро и сега ќе те утешам така што ќе те уверам дека никој друг не го забележа твојот пропуст, освен мене, се разбира.
Ти само танцувај!
Поврзани објави
Зошто го пишувам сето ова, можеби ќе се запрашате. И зошто дозволувам да ме допираат туѓите коментари? Најважно е јас да сум задоволна од изведбата и навистина сум задоволна. Зошто тогаш се фиксирам на оваа забелешка? Прво, затоа што сум девица во хороскоп. Второ, затоа што сфатив една поразителна вистина со која долго не сум сакала да се соочам.
Некои луѓе те гледаат и те следат само за да те видат како паѓаш. Сигурно имате такви во вашата околина. Тие секогаш се тука, навидум, за да те поддржат. Тука се за да ти стават „лајк“, да ти искоментираат. Го следат секој твој чекор. И чекаат. Го чекаат твојот прв пад за да можат конечно да се чувствуваат подобро во врска со самите себе. Тие не се лоши луѓе, најверојатно не се ни свесни дека го прават ова. Тие само дејствуваат поттикнати од ниската самодоверба, љубомора и личните фрустрации – гориво што никого никогаш не го одвело далеку.
За разлика од нив, луѓето што навистина навиваат за тебе никогаш нема да ти го укажат тој мал пропуст за кој знаат дека не можеш да сториш ништо. Нема ни да го забележат, бидејќи ќе се фокусираат на силните страни на твојата точка. Кога треба, ќе те искритикуваат, но секогаш конструктивно и добронамерно. Нивната поддршка е искрена и вистинска. Тие навистина сакаат да успееш!
Не дозволувај падовите да ти го попречат танцот. Музиката никогаш нема да престане – не пропуштај ниту една нота. Само стани и продолжи да танцуваш. Не плаши се да импровизираш ако не оди сѐ по планот. Вистинската публика ќе ти подаде рака кога ќе забележи дека си паднал и секогаш ќе ти ракоплеска најсилно на целиот свет. А другите нека гледаат од страна и слободно нека ти ги бројат падовите, бидејќи тие не те дефинираат ниту тебе ниту твоите способности. Ти само танцувај!
Пишува: Марија Лукаревска
ФОТО: Bruce Christianson / Unsplash