Миа Перевска e домашен артист кој за прв пат се појавува на експерименталната електро-поп музичка сцена во 2021 година. Тинејџерството го поминува на сцена со голем број реномирани артисти, и има остварено соработки и проекти кои за кратко време се нашле на топ листите низ европските земји. Миа како на домашната, ветува успешна кариера и на интернационалната сцена. Таа е и академски поткована во полето на музичката продукција и аудио инженерингот, и е комплетен автор и продуцент на својата музика. Неодамна ја промовираше нејзината нова песна „Носи се”, која ќе биде премиерно изведена на нејзиниот следен настап на фестивалот Андерфест на 1 ноември во МКЦ.
Кое е вашето најрано сеќавање од детството поврзано со музиката кое сеуште го паметите?
- Моето најрано сеќавање поврзано со музиката е воедно и најраната меморија на која можам умствено да се навратам. Тоа доаѓа некаде 2002ра година, на моја три годишна возраст пеев една од познатите песни на тогашното издание на “Евросонг”, додека мајка ми ме снимаше преку нејзиниот мобилен телефон со цел подоцна снимката да ја намести како свој рингтон. Истата таа година татко ми беше на фестивалот со Каролина – “Од Нас Зависи”. Моето семејство тврди дека едвај сум чекала да дојдат гости за да ги забавувам, прво сум изведувала и пеела целосни перформанси во домашна атмосфера, па дури потоа сум прозборела.
Кој има извршено најголемо влијание за да почнете да се занимавате со музика?
- Секако дека моето семејство, но тоа беше сечив взаемен труд. Мајка ми истата таа 2002ра година започна да ме учи да свирам клавир, на 5 години веќе почнав да посетувам основно музичко училиште и да настапувам по детски фестивали. Во музичко ме носеше баба ми, ме чекаше после секој час и на дожд и на сонце, тоа се жртви за кои засекогаш ќе бидам благодарна. Дедо ми и чичко ми се фантастични мулти-инструменталисти. Кај нас дома песната беше дел од секојдневието. Дали гитара, усна хармоника или некој ударен инструмент – музиката е она кое не движеше. На крај на основно училиште, бидејќи веќе имав бенд и свиревме сериозно, не сметав дека ми треба средно музичко школо и се бунтував да се запишам во гимназија, бидејќи почнаа да ме интересираат историја, филозофија и општо образовни предмети. Тука веќе настапи татко ми, ме натера да го превземам животот во свои раце уште на рани години и да целам само кон она кое знам дека ќе го правам еден ден. Тогаш се подготвив за приемен испит и отидов во средно музичко училиште. Ми беше многу тешко на почетокот поради карактерот кој го имав тогаш, но детерминацијата да го постигнам она кое го сакам беше посилна и со тек на време започнаа натпреварите. И тогаш сфатив дека некогаш родителот знае подобро, па дури и за твоите потиснати желби.
Да се навратиме на твоите најрани почетоци и допирни точки со музиката. Кога за прв емотивно влезе музиката во твоето срце? Кога и каде беше вашиот прв настап?
- Сепак друга димензија се отвори пред мене кога на 6 години влегов за прв пат во студио. Почнаа да ме интересираат музички програми, но немав доволно верба во себе кога бев дете дека можам да ги владеам истите, бидејќи бев девојче, а и цел тој програмерски дел се чинеше толку комплициран и страшен. Не знаев други девојчиња кои ги интересираа тие делови од музиката и се чувствував несфатено, сепак најголемо разбирање за мене во тој дел од животот имаше мојот најдобар другар од основно – Стефан Петановски. Целосно бесценет момент е што сега како изградени артисти ќе делиме фестивалска сцена заедно, секој со својот авторски проект. Првите почетоци и обиди за снимање/создавање ни беа заеднички. Дури и првиот фестивалски настап ни беше заеднички. Имавме 13 години и настапивме на “Пикник Рок Фест” со своја заедничка авторска музика. Тоа се песни кои никогаш не излегоа. Кога ќе се сретнеме на улица секогаш викаме, еј треба да ги доправиме, и така изминаа повеќе од 10 години…
После извонредната „Follow“, имаш нова одлична песна, „Месечевиот сјај“ заедно со твојот татко Пере. Дали овој дует беше планиран или соработката дојде спонтано и како си задоволна од тоа како песната беше прифатена од публиката?
- Ништо во креација не е планирано, дојдов еден ден во студио и видно видов дека е инспириран од музичките новитети, ми рече седни преслушај, седнав додадов и превртев нешта кои сметав дека треба. Така проектот си доби заедничка форма во аранжманско-изведувачкиот дел. Чинам дека “Месечевиот сјај” е и прва соработка на песна помеѓу татко и ќерка во нашава држава. Многу сум задоволна пред се што успеавме преку една песна на луѓето да им ја пренесеме енергијата која што самите си ја објаснуваат. Не би прераскажувала овде, тоа може само да се почувстува па ви препорачувам да ја слушнете оние кои сеуште не сте ја чуле.
Бидејќи си комплетен автор на песни, колку си перфекционист кога ги креираш твоите дела?
- Преполни дискови музика, а вадам максимум 3 проекти годишно. Некогаш не знам за стоп на самото дело, го тестирам и делото и сопствените лимити како и лимитот на опремата која ја имам. Се повеќе сфаќам дека ми треба втор или трет мозок па ги прашувам често моите пријатели/соработници за мислење. Песната ќе ја одведам до некои други екстреми и на крај некако сфаќам дека уште првиот ден можела да биде готова. Работам се повеќе на појасна конструкција на својата мисла, додека пак во технолошкиот дел од мојата работа секој ден нешто ново излегува, а мојата желба за знаење и експериментирање го прави секој проект тотално различен еден од друг. Нема стоп, некогаш мора да пресечеш бидејќи делото може и да нема крај. Трикот е во пресекот.
Како ги создаваш твоите песни? Дали почнува со стих или мелодија, или со идеја што треба текстуално да се разработи?
- Најчесто емоциите ги истурам над клавир и така се раѓаат моите дела. Многу често сонувам мелодии па некогаш и во текот на ноќта станувам. Затоа имам клавир веднаш до креветот. Некогаш знае да е и непријатно, те чекаат другарите или некоја обврска неодложна, а на тебе ти се прикажало некое парче/солажа или идеја што ако не ја снимиш дефинитивно знаеш дека ќе ја заборавиш. Затоа морам моментот да го фатам, инспирацијата не бира на мене кога ми е удобно. Текст да можам и не би ставила, ниту пак би била пеач на својата музика, но сфатив дека со причина некои норми се така поставени.
Дали чувствувате олеснување, како да сте ги ослободиле потребните емоции од себе и дали создавањето нови песни ве храни емотивно?
- Апсолутно. Музиката е мое главно исказно средство, а музичката продукција која има неограничени лимити само до крај си игра со уметноста и лудилото во мене.
Дали има некој музичар кој има извршено влијание на вашиот музички стил?
- Мојот одговор секогаш ќе биде ист. Phil Collins е најголемиот музички инфлуенс во мојот живот. Од дете, па до ден денес. Музиката за Disney цртаните, па цела Genesis ера, како и останатите негови соло проекти се разбира. Слушам премногу музика буквално цело време – актуелна, неактуелна, поджанрови, албуми со 30 милионски преслушувања како и албуми со 30 преслушувања преку сила. Веројатно сите имаат некој инфлуенс врз мене. Ништо не е измислено, само е извитоперена смисла на мојата надсвест.
Како млад човек и изведувач, како ја доживувате вашата генерација?
- Новиот бран е сплет на повеќе нови генерации и тука се разбрануваат многу различни перцепции околу музиката и перформансот. Имам чувство дека имаме взаемна колективна свест за тоа дека само творењето е она кое не интересира и целосно знаење дека туѓото мислење не е ништо повеќе од само туѓо мислење. Можеби затоа работите стануваат полесни. Има се за сечиј вкус и сечија филозофија кон уметноста. Мојот град заживеа повторно. Сакам да верувам дека со моите колеги имавме директно влијание врз целото движење. Не говорам само за музиката, говорам за филмот, театарот и за останатите аудиовизуелни уметности на нашата сцена. Нешто за кое будно сонувавме многу брзо прераснува во се она кое што се случува околу нас. Ја чувствувам промената кога ќе излезам на улица.
Кои се вашите критериуми за успешен концерт?
- Мора да владее јазикот без зборови меѓу музичарите на сцена. Публиката мора да го почувствува тоа, а нејзиниот feedback би бил само твоја душевна награда за целата симбиоза која самиот си успеал да ја создадеш во етерот. Нема поголем успех од тоа за мене.
Се наметнува прашањето за присутноста и промовирањето на македонската авторска музика на македонските радија и тв канали. Дали е дојдено крајно време да се обедините и да направите притисок како уметници и изведувачи?
- Обединувањето можеби е најјаката страна на новиот бран артисти, но дојде време кога почна да се менува и самата перцепција за кој преносен медиум ќе продолжи да егзистира. Не познавам многу млади луѓе кои гледаат телевизија и не познавам многу луѓе кои слушаат радио доколку не се во кола. Самите тие факти отвараат други прашања на исплатливост и вредност на нештата. Веројатно дојдено е време кога нештата сами ќе си претрпат промена, но ние како млади генерации можам да согледам дека будно вложуваме огромна енергија во креирање настани, радио поткасти и се она кое би требало да се превземе како подвиг од наша страна. Можеби е дојден редот на самите медиуми за целосна промена на се она кое му се сервира на народот.
На 1 ноември настапувате на фестивалот Андерфест во МКЦ. Што може да очекува публиката од вашиот настап?
Пред една седмица се случи промоција на мојата нова песна “Носи се” која премиерно во живо ќе ја изведеме на Андерфест. Песната ја работев заедно со мојот бенд, пријател и колега Марко Цветаноски. Додека пак во аранжманскопродукцискиот дел главен носител е еден од моите омилени македонски продуценти – Лука Ѓоргиевски (Funk Shui). Со задоволство би сакала да најавам и дека ова е првиот настап во мојата досегашна кариера каде мојата авторска музика ќе биде во придружба на уште два пратечки вокали. Фантастични млади пеачки кои со сигурност стануваат едни од најбараните имиња на естрадава. Марија Илиевска и Минела Богданович (Kalata). За сценскиот изглед на настапот, главен соработник е нашата млада и успешна дизајнерка Ирина Тошева. Публиката може да го очекува се она кое го опишав како успешен концерт.
Се гледаме на Андерфест!