Пред трагедијата, Метју Пери разговарал со својата мајка
Сузан Морисон, мајката на Метју Пери, се огласила по повод годишнината од смртта на познатиот актер. Во емисијата Today на Ен-Би-Си, таа раскажала дека Пери претчувствувал дека ќе умре.
„Дојде и ми кажа: ‘Многу те сакам и среќен сум што сега сум со тебе’. Тогаш не размислував за тоа, но си помислив дека одамна не сме разговарале така. Мислам дека имаше нешто… Беше неизбежно дека ќе се случи тоа и тој го почувствува тоа“, се присетила Сузан.
„И тогаш кажа: ‘Веќе не се плашам’. Тоа ме загрижи“, додала таа.
Неодамна се огласиле и очувот и сестра му
По повод годишнината од смртта на Пери, се огласиле и неговиот очув, новинарот Кит Морисон, и сестра му Кејтлин. Тие дале интервју за канадскиот Hello и ги откриле плановите за фондацијата „Метју Пери“ во Канада. Според официјалниот веб-сајт на организацијата, фондацијата е создадена за да им даде целосна поддршка на поединците кои живеат со нарушувања од зависности по лекување.
„Мојата работа сега е многу себична, бидејќи ми се чини како да седам покрај Метју и секој ден работам со него на нешто што му беше важно“, рекла 40-годишната Кејтлин, која е извршна директорка на фондацијата.
„Благословена сум што секогаш можам да го имам блиску до себе преку оваа фондација“, додала таа.
„Тој би сакал да го паметат по тоа што им помагаше на луѓето кои се борат со зависности“, додал очувот на актерот.
Неговата смрт била голем шок за целото семејство.
„Кога Метју ненадејно почина, тоа беше неверојатно шокантно… Секој што изгубил дете ќе ви каже дека тоа е многу потресно, дури и ако сте биле подготвени за таа можност на некој начин“, рекол Морисон.
„Одлучивме да извлечеме нешто од тоа и да направиме нешто корисно“, додал тој.
Поврзани објави
Докторот признал дека му продавал кетамин
Пери почина на 54 години во октомври минатата година од акутно дејство на кетамин и други фактори, поради што изгубил свест и се удавил во џакузи, според извештаите од обдукцијата.
Актерот јавно призна дека со децении злоупотребувал разни супстанции, дури и во годините кога го глумел Чендлер Бинг во хит-серијата од 1990-тите „Пријатели“.
Еден од двајцата калифорниски лекари што беа меѓу петтемина обвинети за неговата смрт од предозирање, ја признал вината за илегална дистрибуција на кетамин. Марк Чавез се изјаснил како виновен пред Окружниот суд на САД во Лос Анџелес. При изрекувањето на пресудата, би можел да добие и до 10 години затвор.
Другиот обвинет лекар во случајот, Салвадор Пласенција, изјавил дека не е виновен, исто како и Џесвин Санга, инаку позната како „кралица на кетаминот“. Личниот асистент на Пери, Кенет Ивамас, кој признал дека му го вбризгал лекот на Пери, и наводниот посредник, кој изјавил дека го набавил кетаминот од Санга, веќе се имаат изјаснето како виновни за обвинувањата со кои се соочиле.
ФОТО: Јутјуб