Почетна Убавина и здравјеПриказна за љубовта, семејството и зачувувањето на традиционалните вредности – Убавина и здравје

Приказна за љубовта, семејството и зачувувањето на традиционалните вредности – Убавина и здравје

од nenad
6 минути читај за

Приказната на Viki’s Organic не е поврзана само со органските производи – тоа е приказна за љубовта, семејството и зачувувањето на традиционалните вредности

Она што започнало како љубов кон градинарството, денес е автентичен бренд со прекрасна мисија. Viki’s Organic нуди природни производи со врвен квалитет што не можат да се купат во продавница – секој од нив создаден со многу љубов и внимание. Главните „виновници“ за оваа уникатна семејна приказна се Викторија Спенџарска (@vegan_viki_) и нејзините вредни помошници Љубљана, Емона, Ѓоко, Каја и Ноа.

„Градинарството отсекогаш ми било повеќе од хоби. Тоа е начин на живот, исполнет со вистински мир и создавање, живеење во склад со природата. Љубовта кон земјата и растенијата ја носам уште од детството, кога со баба и дедо на село садевме домати и пиперки во дворот. Се сеќавам на тој мирис на свежа почва и радоста кога ќе никне првото растение – нешто магично што не можеш да го објасниш, можеш само да го почувствуваш“, вака раскажува Вики за нејзините почетоци.

Подоцна, кога се преселила во Њујорк, градот кој долго време ѝ бил дестинација од соништата, среде таа бетонска џунгла се почувствувала како Сантијаго од „Алхемичарот“:

„Сфатив дека вистинското богатство отсекогаш ми било дома, во Македонија, нашата традиција, селата и нашата природа.“

Откако се вратила од Америка, им се посветила на семејството и на вистинското богатство – мирниот живот во природа, слободата што ја дава одгледувањето здрава домашна храна и безусловната љубов од децата. Токму од тој спој – природата, создавањето и семејството – настанало семето од кое подоцна се родил брендот за органска храна Viki’s Organic.

Првенчето на Viki’s Organic

Првиот производ на Viki’s Organic е домашниот сос од органски домати! Вики ни откри дека приказната за доматниот сос е посебна, бидејќи е спонтана и е одраз на нејзината желба да ги храни децата со најдоброто од природата:

„Во нашето семејство секоја година, без исклучок, се садат домати и тоа со семиња што се чуваат во фамилијата со генерации. И секоја година експериментираме со рецепти со домати, но првпат кога го направив доматниот сос, децата беа толку воодушевени што го јадеа буквално со сè. Бидејќи имав направено поголема количина, почнав да им подарувам теглички на пријателките со мали деца и секаде се случуваше истата магија. Мајките беа фасцинирани што нивните деца јадат секакви комбинации со сосот и ме прашуваа дали може да го купат.“

Така „сосчето од домати“ ја претворило детската љубов кон кечапот во природен автентичен бренд, но приказната не завршила тука.

Покрај доматниот сос, во понудата на Viki’s Organic може да се најдат и многу други производи, како џемови од шумско овошје, планински чаеви, а од оваа сезона и интересни комбинации како мармалад од кајсии и ванила, модри сливи со боровинки и цимет, зелен ајвар со синап и омилениот производ на Вики моментално – салса со везена пиперка.

„Најбараниот производ несомнено е ајварот! Оригиналниот рецепт е на баба ми, но како и кај сите други традиционални рецепти, му додадовме наш дух и создадовме уникатен производи. На пример, нашиот ајвар е направен со маслиново масло и морска сол, кои му даваат интензивен вкус и му ја зголемуваат нутритивната вредност, па затоа сите го обожаваат!“, открива нашата соговорничка.

Трпение, почит, разбирање и љубов

Иако знаеме дека Македонија има одлични услови и плодна почва за органско производство, поголемиот дел од населението не консумира органски производи на дневна база. Едно од најчестите објаснувања за тоа е фактот што органските производи се поскапи од регуларните. Изговор или реална причина?

„Тоа е вистината, но нам ни преостанува секогаш да одбираме органско и така да ги поддржиме неговите произведувачи за да бидат мотивирани да произведуваат повеќе и за пониски цени“, објаснува Вики и додава дека Македонија е прекрасна земја со огромен потенцијал за органско производство – природно, чисто, самоодржливо и без употреба на штетни хемикалии, пестициди и инсектициди.

„Природата на свој начин го создава сето тоа што му е потребно на едно растение за да ја достигне својата совршеност, но за тоа потребно е трпение, почит, разбирање и љубов кон целиот екосистем, а тоа е нешто што модерниот човек го има изгубено, за жал. Верувам дека најголемиот предизвик е тоа што не сме свесни за себе и за природата, односно сме ја заборавиле мудроста на нашите предци.“

Семејството пред сè

Она што ги издвојува Viki’s Organic од другите слични брендови за храна се вредностите што ги негуваат. Во секој нивен производ се содржи духот на семејството и традицијата:

„Она што го започнавме јас, Љубљана и Емона, нè спои во уште поголемо семејство со Ѓоко, Каја и Ноа. Сега сме тим од соништата каде што сите придонесуваат со нешто, од најмалите дечиња, па сè до бабите и дедовците, со сите наши семејни традиции. Сакаме да понудиме природен производ со врвен квалитет што не можете да го купите во продавница, единствено може да се обидете да го направите дома со плодови и билки кои самите ќе ги одгледате. Кога го живееме животот во склад со свесноста, Бог и со природата, ни се соединуваат патиштата со вистинските луѓе, кои ја делат нашата мисија и визија“, заклучува Вики.

Поврзани објави

Совршената зимница

Еден од најновите производи на Viki’s Organic е пакетчето со три теглички домашна зимница: домашен ајвар по традиционален семеен рецепт направен со маслиново масло; доматен сос кој е одлична замена за кечап за најмалите, ароматичен и совршен за тестенини, пици или манџи и бабина салса со везена пиперка, блага или пикантна по ваш избор, вистински хит со тортиљи, тестенини или мезе со ракија. Инспирирани од оваа рапсодија на домашни вкусови, ја замоливме Вики да ни сподели неколку трикови за совршена зимница…

1. Секогаш одбирајте свежи плодови и билки од нашето поднебје – нема добри зимници и слатка без квалитетни состојки.

2. Гответе со трпение и никогаш не брзајте со приготвувањето – можеби само 5 минути ве делат од совршената текстура и вкус.

3. И најважно – секогаш гответе со позитивна енергија и мнооогу љубов. Тоа е тајната состојка на храната што ниеден шеф не ја открива.

РЕЦЕПТИ СО ПРОИЗВОДИТЕ НА VIKI’S ORGANIC

Тестенини со Viki’s Organic доматен сос

Ова е омилениот рецепт на сите мајки, бидејќи децата го обожаваат!

1. Сварете тестенини по избор

2. Додајте неколку лажици од доматниот сос на Viki’s Organic.

3. По желба, додајте малку сирење или зеленчук.

Овесна каша со Viki’s Organic џем од малини

Одличен рецепт за здрав и енергичен старт на денот.

Состојки:

  • 1/2 чаша овесни снегулки
  • 1 чаша растително млеко
  • 1 лажица јаворов сируп или друг засладувач
  • 3 лажици џем од малини
  • 3 лажици пудинг од ванила (опционално)

Приготвување:

Најпрво, пригответе ја овесната каша така што ќе ги варите овесните снегулки една минута со млекото и засладувачот. Додајте од џемот од малини, па ставете пудинг од ванила. На здравје!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА