Почетна Убавина и здравје90 минути не се одвојувал од мртвото младенче (ВИДЕО) – Убавина и здравје

90 минути не се одвојувал од мртвото младенче (ВИДЕО) – Убавина и здравје

од nenad
2 минути читај за



Женката се нурнувала до телото, пливала покрај него и го допирала со перката, а истражувачите го опишуваат однесувањето како „постмортална грижа“.

Истражувачи крај југоисточниот брег на Австралија забележале исклучително ретко однесување на женка грбав кит по губењето на младенчето. Таа најмалку 90 минути не се одвојувала од мртвороденото младенче, туку постојано се нурнувала до неговото тело, пливала покрај него и го допирала со перката. Снимката е направена во јули 2025 година, а случајот е опишан во студија објавена на 16 септември во списанието „Discover Animals“.

Сè започнало кога истражувачот Ендру Малвил од приватен брод забележал два возрасни грбави китови кои необично долго се задржувале на истото место. Во водата биле забележани остатоци од амнионска мембрана, што укажувало дека женката неодамна се породила. Со помош на камера, истражувачите под површината го пронашле телото на мртвороденото младенче, додека мајката останувала во негова непосредна близина.


Поврзани објави

Снимката покажала дека женката повеќепати се нурнувала до младенчето, пливала покрај неговото тело и кратко се задржувала на морското дно. Во еден момент поминала со градната перка преку неговото тело, а потоа повторно се вратила на површината. Набљудувањето траело околу два часа, но истражувачите не знаат колку долго таа останала со младенчето откако тие се оддалечиле. Според научниците, ваквите случаи тешко се забележуваат бидејќи телото на младенчето по смртта може да потоне на морското дно.

Иако однесувањето може да потсетува на човечко тагување, истражувачите се воздржани од таков заклучок, бидејќи емоциите кај животните тешко се потврдуваат без дополнителни физиолошки и невролошки мерења. Сепак, тие го опишуваат однесувањето како „постмортална грижа“ кон мртов припадник на истиот вид. Во близина на женката цело време бил и уште еден возрасен грбав кит, за кој се претпоставува дека ја придружувал.

pexels – grbav kit