Почетна Економија48 часа во Барселона: Водич за идеален викенд

48 часа во Барселона: Водич за идеален викенд

од nenad
7 минути читај за

Барселона е еден од највпечатливите градови во Европа – космополитски, културен и полн со живот. Сместена на североистокот од Шпанија, во срцето на Каталонија, Барселона нуди уникатна комбинација од архитектура на Антони Гауди, плажи покрај Медитеранот, богата историја и модерна уметност, со одлична храна и енергија која тешко се заборава.

За само 48 часа можеш да го доживееш најдоброто што го нуди – од делата на Гауди до медитеранските вкусови. За да успеете да видите се повеќе локации наша препорака е ги користите двокатните автобуси на Barcelona Bus Turístic кои нудат две рути – сина и црвена рута.

Црвената рута е една од трите главни линии на туристичкиот автобус во Барселона, која ги поврзува западните и јужните делови на градот. Оваа рута е одлична за оние што сакаат да ги посетат атракциите на Монжуик, Олимпискиот комплекс, историските и културните знаменитости, како и делови од брегот и пристаништето. Сината рута е најпопуларната од трите линии на туристичкиот автобус во Барселона, бидејќи ги поврзува најважните атракции на Антони Гауди, неколку музеи, паркови, шопинг-зони и делови од северна Барселона. Тоа е идеален избор за љубителите на архитектура, уметност и природа.

Plaça de Catalunya (Плоштад Каталунија)
Plaça de Catalunya е најцентралниот и најпознатиот плоштад во Барселона, вистински симбол на градот и клучна раскрсница што ги поврзува старата и новата Барселона. Тоа е идеално место за почеток на секое разгледување – било да одите кон Ла Рамбла или да скокнете на туристички автобус. Плоштадот е украсен со прекрасни фонтани и модерни скулптури, вклучувајќи дела од Жозеп Кларà и други каталонски уметници. Познат по стотиците гулаби, плоштадот е омилен за деца и туристи кои ги хранат птиците (со малку леб или трошки).

Каса Батљо (Casa Batlló)
Каса Батљо (на шпански: Casa Batlló) е една од највпечатливите и најфантастични градби во Барселона. Се наоѓа на елегантната улица Passeig de Gràcia, и претставува архитектонско ремек-дело на познатиот каталонски архитект Антони Гауди. Куќата била првично изградена во 1877 година, но во 1904 година, индустријалецот Жозеп Батљо му го доверил на Гауди реновирањето на зградата. Наместо да ја сруши, Гауди ја трансформирал во еден вистински уметнички објект. Градежните работи траеле до 1906 година, а резултатот бил фасцинантна зграда која изгледа како да е дел од сон. Фасадата е обоена во сини и зелени тонови, украсена со стаклени мозаични плочки (trencadís), со балкони во форма на маски или черепи. Покривот наликува на змеј, со лушпи и “рбет” – според некои, тоа е симбол на змејот од легендата за Свети Ѓорѓи, заштитникот на Каталонија.

Каса Мила (Casa Milà)
Каса Мила (на шпански: Casa Milà), попозната под прекарот Ла Педрера („Каменоломот“), е едно од најреволуционерните архитектонски дела на Антони Гауди, сместена во срцето на Барселона, на улицата Passeig de Gràcia. Изградена e меѓу 1906 и 1912 година, оваа зграда била нарачана од богатата двојка Пере Мила и Росер Сегимон, а Гауди добива целосна слобода да создаде нешто сосема различно од класичната архитектура на тоа време. Фасадата изгледа како природен камен – нерамна, валовита, без прави линии. Не постојат два исти прозорци. Балконите се украсени со рачно ковани железни решетки со апстрактни форми. Покривот е вистинска уметничка сцена – скулптури од оџаци и отвори кои наликуваат на воини или митолошки суштества.

Arc de Triomf (Триумфална капија)
Arc de Triomf е еден од најпознатите и најубавите споменици во Барселона. Изграден е како главна капија за Светската изложба во Барселона во 1888 година и се наоѓа на крајот од широката пешачка улица Passeig de Lluís Companys. Направен во мудехар стил — комбинација од готски и мавритански елементи, со црвени тули и богата декорација. На врвот има скулптури и релјефи кои симболизираат прогрес, индустрија и уметност. На страните се изработени декоративни панели со симболи на различни региони од Шпанија.

Споменик на Кристофер Колумбо (Monument a Colom)
Monument a Colom, познат како Споменикот на Кристофер Колумбо, се наоѓа на крајот на улицата Ла Рамбла, веднаш до морето и пристаништето (Port Vell) во Барселона. Тоа е една од најпрепознатливите точки во градот и омилено место за туристи. Споменикот бил изграден во 1888 година за Светската изложба во Барселона, и е поставен во чест на Кристофер Колумбо, кој, според локалната традиција, се вратил во Шпанија по неговото прво патување во Америка и го пријавил откритието пред кралот и кралицата токму во Барселона.

L’Aquàrium de Barcelona
Аквариумот на Барселона е еден од најголемите и најпознатите медитерански аквариуми во Европа. Сместен во Port Vell, на само неколку минути од крајот на Ла Рамбла и споменикот на Колумбо, ова е совршено место за семејна посета, едукативна прошетка или бегство во подводниот свет. Аквариумот содржи 35 резервоари со повеќе од 11.000 морски животни од 450 видови. Најголемата атракција е транспарентниот тунел од 80 метри, кој минува низ резервоар со акули, ражи, морски желки и други големи риби.

Зоолошка градина во Барселона (Zoo de Barcelona)
Зоолошката градина на Барселона се наоѓа во прекрасниот парк Цитадела (Parc de la Ciutadella) – зелено светилиште во близина на стариот град. Основана во 1892 година, оваа зоолошка е една од најстарите и најреномираните во Европа, и нуди идеално место за семејна прошетка, едукација и љубов кон животните. Зоолошката градина е дом на над 2.000 животни и околу 300 различни видови

Саграда Фамилија (Sagrada Família)
Симболот на градот и едно од највеличествените архитектонски дела во светот. Проектирана од Антони Гауди, оваа недовршена базилика е совршена комбинација од готика и модернизам. Внатрешноста наликува на магична шума од камен и светлина.

Парк Гуел (Park Güell)
Парк Гуел е еден од најпознатите паркови и туристички локалитети во Барселона, создаден од славниот каталонски архитект Антони Гауди. Овој волшебен парк е комбинација од уметност, архитектура и природна убавина, и е дел од Светското наследство на УНЕСКО. Паркот се наоѓа на ридот El Carmel, со прекрасен поглед кон Барселона и Медитеранот.

Во него можете да видите мозаични скулптури и клупи во живописни бои, со карактеристичниот стил на Гауди, главниот плоштад со познатата змијеста клупа која се витка како змија, „гаудиска куќа“ (Casa Museu Gaudí) – домот каде Гауди живеел повеќе години, а сега е музеј, „Залепениот змеј“ – познатата мозаична скулптура што е симбол на паркот, како и големи зелени површини и патеки за шетање – совршени за релаксација и пикник

Camp Nou – Домот на ФК Барселона
Camp Nou е најголемиот фудбалски стадион во Европа и дом на легендарниот клуб ФК Барселона. Стадионот се наоѓа во западниот дел на Барселона, во областа Les Corts, и има капацитет од над 99.000 гледачи и во моменотов се реновира, но достапен е музејот каде може да ја погледнете целата историја на фудбалскиот клуб.

Готска населба (Barri Gòtic)
Barri Gòtic, или Готската населба, е најстариот и најволшебен дел од Барселона. Сместена помеѓу Ла Рамбла и Via Laietana, оваа населба е историското јадро на градот, каде улиците носат дух на антички времиња, средновековна архитектура и мистична атмосфера.

Тоа е срцето на старата Барселона, со тесни средновековни улички, римски остатоци, готски катедрали и плоштади полни со живот. Место каде историјата и денешниот ритам на градот се спојуваат на секој агол.

Музејoт на Пикасо
Сместен во елегантна готска палата во El Born, овој музеј ја прикажува еволуцијата на уметничкиот стил на Пикасо, со над 4.000 дела, особено од неговата рана фаза и каталонскиот период.

Gran Teatre del Liceu – Големиот театар на Барселона

Во Барселона има неколку познати театри, но најзначајниот и најрепрезентативниот е Gran Teatre del Liceu. Познат едноставно како Liceu, е најпознатиот опера и театар во Барселона, сместен во срцето на Ла Рамбла. Основан во 1847 година, тој е еден од најстарите и најпрестижните оперски театри во Европа. Театарот преживеал два пожари и е обновуван неколку пати, најпоследно во 1999 година.

Пазарот Ла Бокерија (Mercat de la Boqueria)
Сместен покрај познатата улица La Rambla, овој пазар нуди свежи локални производи, овошје, морска храна, пршут (хамон) и гастрономски задоволства. Одлично место за брз залак или културно искуство.

Катедралата на Барселона
Импозантна готска катедрала во срцето на Готската населба, посветена на Света Еулалија – заштитничка на градот. Нејзиниот двор, клоистер и фасада се особено убави.

Жичарница и Монжуик
Жичарницата ги носи посетителите од подножјето на ридот Монжуик до неговиот врв, каде се наоѓа Castell de Montjuïc – историска тврдина со фантастичен поглед на градот и морето. Оваа жичарница е не само практичен превоз, туку и доживување само по себе.

Инаку Монжуик е рид кој се наоѓа над градот и нуди прекрасен поглед кон пристаништето и градот. Тука се наоѓаат: Замокот Монжуик (Castell de Montjuïc), Олимпискиот стадион и музеј, Националниот музеј на каталонска уметност (MNAC), Ботаничката градина и Магичната фонтана – спектакуларно вечерно шоу со музика и светлина.

Барселона е повеќе од град – тоа е доживување. Со секој чекор ќе сретнеш нешто ново: фасада што изгледа како од бајка, мирис на свежо печено пециво, глас на уличен музичар или звук на бранови од Барселонета. Без разлика дали си таму за викенд или подолго патување, Барселона секогаш ќе те повика да се вратиш.