Страшна сообраќајна трагедија се случи утрово на бугарскиот автопат „Тракија“, каде во два последователни верижни судири учествувале повеќе од 50 патнички и товарни возила. Според последните информации, загинале 12 лица, а 48 се повредени.
Несреќата се случила околу 7 часот, во близина на клучката „Зимница“, на 290-тиот километар од автопатот, во регионот на Јамбол. Како една од главните причини за тешката сообраќајна несреќа се наведува густата магла, поради која видливоста на патот била исклучително намалена.
Сведоци раскажуваат дека возачите речиси во последен момент ги забележувале возилата пред себе, без доволно време и простор за да реагираат и да го избегнат судирот.
„Несреќата ја видовме во последниот момент. Мислевме дека можеби ќе успееме да ја избегнеме. Бевме вториот автомобил, но возилата зад нас предизвикаа дополнителни проблеми. Овде сме уште од 7:30 часот“, раскажал еден од сведоците.
Друг очевидец ја опишал ситуацијата како вистински кошмар, посочувајќи дека големата брзина дополнително придонела за трагедијата, особено при видливост од само еден до два метра.
Особено драматични биле моментите за патниците во автобусот кој бил дел од судирот. Една од патничките раскажала дека луѓето биле натрупани едни врз други по ударот, а кога успеале да излезат, се оддалечувале од возилото стравувајќи дека може да се запали.
„Не можам да најдам зборови за да ја опишам глетката. Целосен ужас. Од сите страни се слушаа врисоци“, изјавил уште еден сведок.
Снимките направени од дрон ја покажуваат големината на несреќата – десетици уништени и смачкани автомобили, камиони и други возила, како и голем број амбулантни возила и противпожарни екипи кои интервенирале на местото.
Во двата верижни судири учествувала и цистерна, но, според изјавата на заменик-министерот за внатрешни работи Калојан Калојанов, засега нема истекување на нејзиниот товар, ниту расфрлани опасни материи на коловозот.
Поради сериозноста на ситуацијата и големата материјална штета, делумна вонредна состојба е прогласена во општините Стралџа, Тунџа и Јамбол. Одлуката на регионалниот гувернер Георги Чалаков стапила на сила на 10 ноември 2026 година во 7:30 часот.
Автопатот бил затворен во двете насоки, а на терен биле ангажирани спасувачки, медицински и противпожарни екипи. Се очекува надлежните да ги утврдат сите околности и точните причини за една од најтешките сообраќајни несреќи во регионот.