Од Центар тврдат дека цената за престој на децата во градинките на територија на оваа општина нема да претрпи промени, односно таа останува иста како и досега, а Општина Аеродром тврди дека досега успева да ги покрие дополнителните финансиски побарувања од страна на градинките и засега не се планира покачување.
Родителите на децата што се згрижени во градинките лоцирани на територијата на општината Карпош, ќе издвојуваат повеќе пари за месечен престој на нивните малечки, отколку што тоа ќе ги чини семејствата чии деца одат во градинките во другите скопски општини. Советниците во општинскиот Совет годинава ја изгласаа одлуката за корекција на цената, предлог што и минатата година се најде пред нив на одобрување, но не беше прифатен.
Па, така, наместо 1.490 денари како досега, во иднина во градинките во Карпош ќе се плаќа 510 денари повеќе, односно месечниот престој на децата ќе чини 2.000 денари. Истата сума ќе се плаќа и за престој и исхрана на децата од 6 до 10 години. Од Карпош вчера соопштија дека ваквата корекција на месечната партиципација во градинките била неопходна поради зголемените режиски трошоци и континуираниот пораст на цените на прехранбените производи.
Според нив, новата цена ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите кои ќе ги добиваат најмладите карпошани. Според советничките од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, цената на градинките била непроменета од 2004 година, поради што градинките се соочувале со големи проблеми. Поради тоа тие гласале за промена на цената. До сите советници беа испратени споредбени податоци за трошоците и гласаа така како што гласаа.
Немаме намера да бркаме гласови на евтин популизам дека треба државата да плати, а плаќа дотации што според ситуацијата во јавните установи повеќе од јасно е дека не се доволни за некој минимум квалитет во згрижување на децата – велат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.
Од Левица посочија дека само советниците од нивната партија гласале против зголемувањето на цената на градинките, затоа што сметаат дека ова ќе претставува дополнителен удар врз месечните трошоци на голем дел од граѓаните, а посебно за оние кои доаѓаат од многудетни семејства, како и од социјално ранливи групи.
Сметаме дека Карпош, како една од општините со најголем буџет, нема потреба да побарува дополнителни средства за оваа намена директно од граѓаните, бидејќи и онака обезбедува доволно средства преку Републичкиот буџет. За нас е неразбирливо како советниците на СДСМ, ГРОМ и Независни заклучија дека станува збор за економски и социјално оправдана одлука, во услови на изразена економска криза во државата.
Зачудувачки, ДПМНЕ останаа глуви и воздржани при гласањето и покрај ветувањата кои самите ги даваа со цел да дојдат на власт – се вели во соопштението на Левица. Дали одлуката на Карпош ќе „повлече нога“ и во другите скопски општини, засега не се знае. Досега само од Аеродром и од Центар одговорија на прашањето дали ќе се зголеми цената за престој во градинките на нивната територија. Од Општина Аеродром велат дека до Советот на Општина Аеродром до овој момент не е доставен таков предлог.
Инаку, според член 191, став 2 од Законот за заштита на децата, износот на висината на цената ја утврдува Советот на Општината по предлог на управниот одбор на јавната установа за деца. Станува збор за месечна цена во износ од 1.490 денари, која во последните 20-ина години не е променета, а со тие средства се покриваат трошоците за храна и други тековни потреби на дечињата.
Општина Аеродром со домаќинско работење досега успева да ги покрие дополнителните финансиски побарувања од страна на градинките и засега не е предвидено покачување на цената за престој – посочија од Аеродром. И од Центар тврдат дека цената за престој на децата во градинките што се наоѓаат на територијата на оваа општина нема да претрпи промени, односно таа останува иста како и до сега.
До Советот на Општина Центар имаше барање од советниците во советничката група на партијата Левица за изедначување на цената за престој на децата во градинките кои имале поголеми отсуства. Всушност, нивното барање беше секој родител да плаќа секој месец 1.490 ден, без разлика дали детето одело или не во градинка – велат од Центар.
Оттаму објаснуваат дека Советот на Општината може да донесе одлука за зголемување на цената само по претходно добиена согласност од Управниот одбор на градинката, а дека според важечкиот Правилник, за зголемувањето на цената не е потребна согласност од надлежното министерство.