Почетна ТехнологијаЈануари – месец за подигнување на свесноста за рак на грло на матка

Јануари – месец за подигнување на свесноста за рак на грло на матка

од nenad
7 минути читај за

Јануари, месец за подигнување на свесноста за рак на грлото на матка е глобален здравствен настан кој се одбележува секоја година во тек на целиот месец јануари. Здружението за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања ФЕМИНА М и оваа година ќе го одбележи овој месец преку свои активности.
Оваа година медицинските советници во Здружението ФЕМИНА М Доц. д-р Игор Алулоски од ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство – Скопје и Асс. д-р Јасмина Џундева од ЈЗУ Универзитетска Клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје составија едукативни текстови за превенција и третман на рак на грлото на матка.
Доц. д-р Игор Алулоски
Превенција и рана детекција на карцином на грлото на матката

   

За жал ракот на грлото на матката сеуште претставува горлив проблем на глобално ниво и според статистичките податоци годишно од ова заболување се регистрираат над 600.000 нови случаи, од кои околу 300.000 ја губат битката со заболувањето.
Токму ваквите бројки доведоа до апел од страна на СЗО за спроведување на агендата 90-70-90 т.е. 90% опфатеност со вакцинација против ХПВ вирусот, 70% покриеност со скрининг (ПАП или ХПВ базиран) на популацијата во групата за скрининг и 90% преземање на постапки за лекување на преканцерозни лезии на грлото на матката како и на потврден инвазивен карцином.

Имајќи го тоа во предвид, главниот акцент треба да биде насочен кон превентивните мерки и процедури кои имаат за цел намалување на бројот на ново заболени од карцином на грлото на матката.
За жал мора да констатираме дека Македонија сеуште се соочува со висок број на ново дијагностицирани случаи на ова заболување, поточно со инциденца од околу 20/100.000 жени, што претставува висока инциденца а треба да се стремиме кон бројката 2-4/100.000.

Секако дека се преземаат мерки низ годините, воведена е ХПВ вакцинацијата во редовниот календар за вакцинација уште од 2009 години, од 2012 година се спроведува организиран скрининг, ПАП базиран а од 2021 година, достапна е и веб платформата, skrining.mk, со цел подобрување на покриеноста на популацијата која спаѓа во групата за скрининг.

Но мора да се работи и да се повторува потребата од подобрување на бројките во нашата држава, опфатеноста со вакцинацијата од само 40-50%, мора да се подобри. Покриеноста со скрининг и постепеното префрлање од ПАП базиран кон ХПВ базиран скрининг е неопходно потребен процес, во кој мора да учествуваат сите чинители, здравствените работници, здравствените власти, специјалистичките здруженија, здруженија на пациенти, медиумите.

Токму во светло на сето горе споменато, го користиме овој месец, поточно оваа Јануарска недела, за да уште еднаш потсетиме на потребата од подигање на свеста за оваа заболување, за потребата од редовно одење на преглед кај својот матичен гинеколог, на редовното одѕивање на повикот за скрининг а сега и можноста за самопријавување, доколку во последните 3 години не е направен ПАП тест или ХПВ типизација, да ја подигнеме свесноста за значењето на ХПВ вакцинацијата како орудие кое овозможува заштита од развој на рак, да се допре до родителите на девојчињата и момчињата кои според календарот за вакцинација треба да ја примат оваа вакцина, дека треба правилно и точно да се информираат, да разговараат со матичните гинеколози, педијатри, семејни доктори во врска со оваа вакцина за сите недоумици кои постојат.

“По една жена умира од рак на грлото на матката на секои две минути…и секоја од нив е трагедија, а можеме да ја превенираме“, зборови кажани од страна на Д-р Тедрос Адханам Гебреиесус, Генералниот Директор на СЗО, 2018 година по повод презентирање на акциониот план за ерадикација на карциномот на грлото на матката. Токму овие зборови се вистинскиот поттик и стремеж со кој треба да се водиме со цел победа над ова заболување. И на самиот крај, бидете свесни за своето здравје бидете информирани како да се заштитите, бидејќи “еден преглед може да спаси живот“.
Асс. д-р Јамина Џундева
Третман на рак на грло на матка

Ракот на грлото на матката е голем здравствен проблем во светот кој главно ги погодува младите жени во репродуктивен период.

Дијагноза на ракот на грлото на матката се утврдува исклучиво со патохистолошка анализа на примерок од ткиво добиено со некои од хируршките постапки: биопсија, ексцизија, конизација, едноставна или радикална хистеректомија. Магнетна резонанца (МРИ) на карлица со контраст е златен стандард при проценка на големината на туморот, околната инвазија во параметрата или кон матката, но и односот на туморот со околните органи и ни дава податок за големината и изгледот на карличните лимфни јазли.

Има три основни категории на инвазивен карцином на грлото на матката: сквамозен карцином (75-90%), аденокарцином и аденосквамозен карцином (10-25%).
Мултидисциплинарен тим за да донесе одлука за начинот на третман треба да ги земе предвид сите релевантни фактори: TNM и FIGO-стадиумот на болеста, степенот на локална раширеност на болеста, проценка и преглед од страна на гинеколог, онколог, наоди од цистоскопија и ректоскопија доколку биле индицирани; радиолошки преглед за проценка на далечна дисеминација на болеста доколку бил индициран (ПЕТ-КТ, КТ на торакс, абдомен мала карлица со контраст) и наодите од патологот за патохистолошките карактеристики и имунохистехемиските наоди на туморот.

Хируршките пристапи за третман се поделени во две големи групи на: конзервативен хируршки пристап со зачувување на фертилноста (FSA- Fertility sparing approaches -конизација или радикална трахелектомија ) и пристап без зачувување на фертилитетот (non-FSA- хистеректомија).

За FIGO Stage IA1 третмански опции се: конус ексцизија, радикална трахелектомија, едноставна екстрафасцијална или модифицирана хистеректомија. За FIGO Stage IA2, IB1, IB2, IB3, IIA1 цервикален карцином: преферирани третмански опции се радикална хистеректомија со билатерална пелвична дисекција на лимфни јазли (со или без SLN мапирање). Препорачана е параортална дисекција на лимфни јазли кај пациенти со поголем стадиум од FIGO IB1 болест.

Иноперабилен карцином на грлото на матката FIGO Stage IIB-IVA, означува локално напреднат цервикален карцином со инволвирање на параметрa (FIGO Stage IIB), зафаќање на долна третина на вагина без инволвирање на пелвичен ѕид( FIGO Stage IIIA), консекутивна хидрoнефроза или бубрежна нефункционалност (FIGO Stage IIIB), метастатски променети пелвични или параортални лимфни јазли (FIGO Stage IIIC1 и IIIC2 соодветно) и инфилтрација во околните соседни органи (FIGO Stage IVA). Доколку со хируршки стејџинг се одреди дека болеста е лимитирана на ниво на пелвис без нодално зафаќање, препорачаниот третман е пелвична радиотерапија (РТ) со конкуретна платина-хемотерапија и последователна брахитерапија. Кај пациенти со позитивни пелвични и параортални лимфни јазли, се препорачува радиотерапија со екстендирани полиња (extended-field RT), конкурентна хеморадиотерапија со платина препарат и брахитерапија.

Пациентите со локализирана рекуренца на цервикален канцер по иницијален третман, може да се кандидати за радикален ре-третман, можни опции се: радиотерапија и/или хемотерапија или хируршки третман -радикална хистеректомија, или брахитерапија кај внимателно селектирани пациенти со мали централни лезии помали од 2 цм во дијаметар. Доколку рекуренцата на болеста е централно локализирана во малата карлица, по РТ треба да се размисли за пелвична егзентерација.

При третманот на цервикален карцином треба да се посвети внимание и на психосоцијалните и психосексуалните последици од операцијата и од зрачната терапија.
Пациентите кои ќе развијат далечни метастази, при иницијална презентација или при релапс на болеста, ретко се курабилни. Само кај одредени пациенти со изолирани далечни метастази кои се достапни за локален третман има можност за подолго преживување по хируршка ресекција на метастазите или локални аблативни терапии или зрачна терапија со или без хемотерапија.

Додавањето на биолошка терапија со моноклонско антитело Bevacizumab на хемотераписките режими вo метастатски сетинг, или кај перзистентен или рекурентен цервикален канцер, значително го подобрува вкупното преживување кај пациентите и покрај тоа што лекот е асоциран со висока токсичност.
Имунотерапија со Рembrolizumab е опција кај перзистентен или рекурентен цервикален канцер, прва линија метастатски сетинг, или за втора линија на терапија, за третман на PD-L1 позитивен или MSI-H/dMMR цервикален канцер.

И покрај воведувањето на напредни зрачни техники, достапноста на биолошка и имунотерапија во комбинација со хемотерапија за третман на напреднат, рекурентен или метастатски цервикален карцином на УК за Радиотерапија и Онкологија-Скопје, исиот останува голем проблем на национално ниво со голема стапка на морбидитет и морталитет. Како специјалист онколог радиотерапевт испраќам апел до секоја една млада жена во репродуктивен период -Закажете преглед кај својот матичен гинеколог, направете ПАП тест може да ви го спаси животот! Вакцинирајте ги вашите деца со ХПВ вакцината, оставете зад себе здрава младина која ќе биде заштитена од ХПВ асоцирани карциноми!