Истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе се шири и сите кои се директно и индиректно инволвирани ќе одговараат. Без разлика дали е сегашен или поранешен функционер, за секој за кој ќе се обезбедат докази ќе се најде пред лицето на правдата, уверува министерот Панче Тошковски. МВР поднесе кривична пријава за 34-рица и три фирми. Сите се товарат за тешки дела против општа сигурност. Еден од Министерството за економија се сомничи и за директно примање поткуп од сопственикот на дискотеката, кој барал да му обезбеди фалсификувана лиценца за угостител, иако услови за тоа објектот ги немал.
„Дејствијата што ги преземаме по насока на ЈО се професионални, очигледно е дека сето она што го имаме преземено во изминатиов период е целосно во рамки на законските овластувања кои ги имаме. Нема тука наши-ваши, тука има луѓе кои се одговорни и луѓе кои не се одговорни. Но, мора да почитуваме процес на правда и мора темелно и посветено да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно,“ изјави Тошковски.
Поврзани објави
Полицијата ги истражува и акциите и контролите кои МВР ги направила изминативе години во кочанската дискотека. Според министерот за внатрешни работи, јавноста ќе биде сведок на брза, ефикасна и праведна истрага и порача дека нема веќе да има компромиси со правдата.
„Македонија мора да победи во битката со системската корупција која одзеде 59 млади животи. Кога се случи сето ова, со болка во душатапотенциравме дека нема да има компромиси со правдата, ветивме дека ќе има брза и ефикасна и праведна истрага. Многумина избрзаа со заклучоци, некои со право се сомневаа, а некои сакаа да ја искористат оваа трагедија и за други цели. Некои се обидуваа да судат и да бидат обвинители, истражители, морален суд иако ги немаа фактите. Јас сум благодарен на сите оние кои искрено и со душа и преку јавни текстови, критики, отворање на дилеми и совети се присутни во јавноста, рече тој.
МВР транспортирала над 250 лица до болниците, а над сто надвор од државата, а биле изработени итни патни документи за повредените и за најблиските. За деноноќното работење Тошковски им е благодарен на полициските службеници.