Конкурсот за прием на 400 пожарникари, како дел од владината мерка за поддршка во справување со пожарите, ќе биде затворен во четврток, изјави денес директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој ги охрабри сите заинтересирани кандидати да се регистрираат најдоцна до четврток во локалните Бироа за работа, каде што ќе треба да ја пополнат потребната документација. „Ги повикувам сите заинтересирани најдоцна до четврток да поднесат апликација до локалниот центар за вработување во кој било град од државата.“
“Таму ќе ги пополнат потребните документи, но важно е да носат медицинска потврда од надлежен доктор со која се потврдува дека не боледуваат од тешки болести кои што би им пречеле во извршувањето на оваа исклучително одговорна задача”, рече Ангелов и објасни дека на кандидатите не им се потребни други документи.
Најдобрите меѓу нив, особено оние кои живеат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да станат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која е во процес на формирање. „Ќе ги избереме најдобрите од оние лица кои што ќе покажат интерес и ќе бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината ќе имаат можност да конкурираат, а потоа и да бидат примени во новата специјална единица за заштита и спасување која што е во фаза на формирање“, истакна Ангелов.
На прашањето колку кандидати досега се пријавени, директорот на ДЗС рече дека во моментов нема прецизни информации, но напомена дека за Скопје се бараат 80 пожарникари, а локалното Биро за работа појасни дека се наоѓа во Општина Кисела Вода.
Со оваа мерка, додаде тој, беа опфатени 14 општини, од кои, според информациите што ги има, само една општина не аплицирала. Во врска со тоа колкав број лица ќе бидат ангажирани во општините, Ангелов рече дека тоа зависи од општина до општина.
„Овие информации ги имате во евиденцијата за вработување, но како и да е, постои голем интерес кај граѓаните за оваа владина мерка, со тоа што се појавија одредени нејаснотии каде граѓаните да аплицираат. Токму затоа ги повикувам сите заинтересирани граѓани за оваа владина мерка, да се пријават во локалниот Центар за вработување, во оние градови во коишто тоа го има или во некое од соседните места, ако во нивното место нема центар за вработување“, појасни Ангелов.
ра/вг/Фото: МИА
Извор: МИА