Министерството за социјална политика, демографија и млади, во рамките на „Проектот за администрирање на социјалното осигурување“ – поддржан од Светска банка, го започна процесот на подготовка и усвојување на Законот за професионална рехабилитација и поддршка при вработување на лица со попреченост.
Во рамките на оваа активност, денес надлежното Министерство во „Клубот на пратеници“ во Скопје ги одржа првите работни средби со засегнатите од оваа заедница и разни други чинители.
Најавено е и продолжување на јавната дебата со цел подобрување и надградување на текстот на идниот Закон за вработување за овие граѓани. “Овие активности се во насока на препораките на Конвенцијата за правата на лица со попреченост, којашто нашата држава ја има ратификувано”, нагласи Елена Кочоска, долгогодишен застапник за остварување и унапредување на правата на граѓаните со попреченост.
На дискусијата, имаше претставници од повеќе здруженија за лица со попреченост. И тие, заедно со властите се согласија дека – за што поефикасен и сеопфатен предлог-закон, треба да бидат консултирани сите страни. “За волја на вистината, текстот на овој Закон е подготвен некаде во 2022 година, од еден тесен круг стручни лица, но без пошироко учество на претставници на оваа заедница, на лица со попреченост, бизнис-секторот, синдикатите, меѓународните организации коишто работат во ова поле.”
“И, на почетокот на оваа година, Владата на Република Македонија нѐ задолжи да продолжиме со подготовката, унапредувањето и донесувањето на Законот, уште повеќе, пред сѐ поради фактот што Македонија во 2011 ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лица со попреченост. Така што, некако и природно веќе се наметна потребата од поделотворен нов Закон”, истакна претставничката на надлежното Министерство.
Во таа насока, се нагласи и насоката – тој нов Закон да донесе подобри услови за вработување и во јавниот и во приватниот сектор – за сите категории лица со попреченост.
Меѓу другото, дел од дискутантите го истакнаа и го поздравија стремежот да се исфрлат од употреба застарените поими „инвалид“, „инвалидно лице“, „инвалидитет“, „инвалидност“, коишто многумина ги сметаат за навредливи.
По другите забелешки коишто ги имаа дискутантите за нацрт-законот, особено беше истакната потребата од задолжително поголемо учество на најзасегнатите – лицата со попреченост и нивните здруженија кои би вршеле и подиректен надзор во процесот. Но, и потребата овие граѓани да не чекаат повеќе на делотворен и достоинствен Закон за вработување, зашто општиот впечаток е дека тие веќе чекаат премногу долго.