Почетна Убавина и здравјеШто се случува во телото кога го прескокнувате појадокот? Нутриционистките објаснуваат

Што се случува во телото кога го прескокнувате појадокот? Нутриционистките објаснуваат

од nenad
2 минути читај за

Прескокнувањето на првиот оброк може да влијае врз нивото на шеќер во крвта, концентрацијата и апетитот во текот на денот. Експертите објаснуваат зошто некои луѓе се чувствуваат уморно без појадок и кои намирници се најдобар избор за добар почеток на денот.

Често слушаме дека појадокот е најважниот оброк во денот, но поради брзото темпо на живот многумина редовно го прескокнуваат. Нутриционистките Емили Мартoрано и Јанеса Слатки објаснуваат што се случува во организмот кога утрото го започнуваме без храна и зошто оваа навика не им одговара на сите.

ПРОМЕНИ ВО ШЕЌЕРОТ ВО КРВТА И НИВОТО НА ЕНЕРГИЈА

Кога го прескокнуваме појадокот, го продолжуваме периодот без храна, кој и онака трае околу десет часа за време на ноќта. Кај некои луѓе ова може да предизвика пониско ниво на шеќер во крвта во утринските часови, а по првиот оброк подоцна во денот може да следува негово нагло зголемување.

Истражувањата покажуваат дека прескокнувањето на појадокот може да придонесе за поголем скок на шеќерот по ручекот, по што може да следува пад на енергијата и попладневен замор.

Недостигот од утрински оброк може да влијае и врз концентрацијата. Некои луѓе се обидуваат да го надоместат заморот со кафе, но тоа не ги обезбедува хранливите материи што му се потребни на организмот. Дури и едноставен појадок, како јогурт или неколку варени јајца, може да помогне во одржувањето на енергијата.

ПРЕСКОКНУВАЊЕТО НА ПОЈАДОКОТ МОЖЕ ДА ГО ЗГОЛЕМИ АПЕТИТОТ

Луѓето што не појадуваат често го надоместуваат пропуштениот оброк подоцна во денот. Тоа може да доведе до почесто грицкање меѓу ручекот и вечерата или до јадење доцна навечер.


Поврзани објави

По подолг период без храна може да се појави и посилна желба за слатки и едноставни јаглехидрати. Причината е што организмот бара брз извор на енергија, па наместо хранлив оброк, полесно посегнуваме по слатки и грицки.

ДАЛИ СЕКОЈ МОРА ДА ПОЈАДУВА?

Нутриционистките нагласуваат дека прескокнувањето на појадокот не мора да значи дека правите нешто погрешно. На секој организам му одговара различен режим на исхрана.

За да откриете што е најдобро за вас, обрнете внимание како се чувствувате во деновите кога појадувате и кога го прескокнувате оброкот. Следете ги енергијата, концентрацијата и апетитот во текот на утрото и по ручекот.

ШТО Е НАЈДОБРО ДА ЈАДЕТЕ ЗА ПОЈАДОК?

Ако сакате да воведете појадок во секојдневната рутина, не мора да подготвувате комплицирани оброци. Нутриционистките препорачуваат комбинација од три важни групи хранливи материи: протеини, здрави масти и растителни влакна. Добар избор се грчкиот јогурт, свежото сирење и јајцата, во комбинација со бобинки. Овесната каша и интегралниот леб се подобра опција од засладените житарки и белиот леб.

Важно е сложените јаглехидрати да се комбинираат со протеини, масти или влакна. На тој начин се забавува апсорпцијата на гликозата и се овозможува постепено зголемување на шеќерот во крвта.

Фото: pexels