Table of Contents
„Никогаш доста од бината“, гласно вели Кали, затоа што нејзиниот немирен дух не ѝ дозволува да се откаже од тоа што го сака. Таа е ѕвезда што одамна силно блеска, но нејзините сјајни ноти допрва ќе оставаат траги на музичкото небо…
Нејзиниот глас надалеку одекна благодарение на музичкото талент-шоу The Voice, но таа отсекогаш самоуверено ја покорувала сцената со своите моќни изведби. Јутјуб-проектот Kaly’s Music Challenge ги обедини нашите музичари и ги претстави познатите хитови во ново, оригинално светло.
Калина Велковска – Кали е доказ дека соништата се остваруваат, доколку сме доволно истрајни, трпеливи и храбри за да посегнеме по нив. Не е лесно да се опстане како музичар на нашето поднебје, но за неа, ништо не е невозможно:
„Отсекогаш сум живеела шарено и динамично и често моите одлуки ме принудувале да излезам од удобната зона. Особено кога станува збор за избор на образование, професија и пасија. Откако собрав храброст и одлучив дека музиката ќе биде мојот единствен извор и определба, патот ми се осветли, а условите ми се подобрија. Накратко: ниеден успех не доаѓа прекуноќ, барем не оној со трајна вредност. За тоа е потребно време, трпение, жртва и работа. А штом си го пронајдеме своето место под сонцето, ништо повеќе не се чини толку тешко“, вели Кали.
Така и го започнува денот: свртена кон сонцето, со кафето во рака и полна чинија овошје – тоа е нејзината совршена комбинација за будење, а во последно време и аматерските хортикултурни активности ѝ помагаат да се успокои и да се фокусира. Себеси се смета за богат човек, затоа што е опкружена со убава енергија што инспирира:
„Имам убави луѓе околу мене кои носат своја приказна, и во моментите на емоционална нестабилност, тие се инспирација, мотив и поддршка за мојата насмевка. Животот е една прекрасна игра и треба да му се радуваме. Да не го земаме здраво за готово и да не забораваме дека по дождот секогаш доаѓа сонце.“
Колку повеќе созрева толку повеќе се отвора кон светот и не ѝ недостасува ништо:
„Навистина немам од што да се пожалам. Во основа сум немирен дух, веројатно затоа и се занимавам со сценска уметност, со нешто што може да го култивира и соодветно да го скроти мојот темперамент. Како и секој приврзаник на бината – никогаш доста од бината. Што и да ми се случува, знам дека сакам да сум на неа што е можно подолго и таа да ме однесе што е можно подалеку, а деталите околу овие желби сами се кристализираат со текот на времето“.
И ние го посакуваме истото за Кали, бидејќи нејзините ѕвездени ноти допрва ќе го ткаат музичкото небо, а нејзината приказна нека ни послужи како потсетник дека никогаш не треба да забораваме која е нашата пасија и што ни дава смисла во животот.
Поврзани објави
КАЛИ НЕ МОЖЕ БЕЗ…
Музика

Бина

Луѓе

Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА