Во текот на ова лето, водоснабдувањето во високите зони на Штип беше континуирано, без прекини. По долги дваесет години, цистерните за вода на комуналното претпријатие „Исар“, кои беа поставени пред станбените објекти и прометните улици во населбите Пребег, Железничка, Балканска, Три Чешми, Баби, Сењак, веќе не се потребни. Граѓаните порано се снабдуваа со техничка вода од овие цистерни поради честите дефекти на стариот водоводен систем, кои ги оставаа без вода и по неколку дена. Во една прилика, проблемот траеше рекордни пет дена.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во изјава за МИА истакна дека оваа година немаат вакви проблеми, благодарение на континуираните инвестиции во главната и секундарната водоводна линија во изминатите четири години.
Сепак, Јорданов нагласи дека не сите активности и зафати на водоводната мрежа се комплетирани. “На она што во моментов се работи и се работеше во изминатиот период значително ја подобри состојбата со водоснабдувањето.”
Тој објасни дека со замената на дотраената водоводна мрежа се намалија дефектите и се зголеми притисокот на водата во населбите каде што жителите во летните месеци, поради зголемената потрошувачка, секоја година имаа потешкотии со редовното водоснабдување.
Општината и штипското комунално претпријатие „Исар“ реализираа неколку проекти во последните четири години со цел да се подобри водоснабдувањето. Според Јорданов, најзначајни се изградбата на Водоводната линија два, во должина од 3,3 километри, и реновирањето на главната линија.
“Морам да напоменам дека реализацијата на проектот Водоводна линија два е нешто што децениски наназад се комуницирало, како потреба за растеретување на постоечката главна водоводна линија, ниска зона.” Со изградбата на оваа линија, Штип сега има алтернативна водоводна линија која ќе овозможи непрекинато водоснабдување на високите зони, дури и кога има поголеми дефекти на главната мрежа.
Во моментов, се градат два резервоара во населбите Пребег и Мерите, со средства од самопридонес во износ од еден милион евра. Нивната изградба е во завршна фаза и се очекува да бидат пуштени во употреба кон крајот на септември.
Со ова, капацитетот на резервоарите ќе се удвои. “Ако досега капацитетноста на главниот резервоар на филтер станицата е нешто повеќе од 2,000 метри кубни овие два резервоара се нешто повеќе од 2,000 метри кубни, што значи дека перспективно Општина Штип го решава на еден среден и долг рок проблемот со водоснабдувањето и со високиот притисок во застарената водоводна мрежа, што беше причина за честите дефекти во летните месеци кога имаме зголемена потрошувачка, побарувачка на вода и нормално зголемен притисок во застарените водоводни мрежи,” рече Јорданов.
Покрај овие големи инвестиции, се работеше и на замена на старата водоводна мрежа. Заменети се повеќе од 10 километри од секундарната водоводна линија, што значително ја подобри состојбата со загубите на вода. Јорданов посочи дека покрај дефектите, имало и загуби на филтрирана вода за пиење.
Оваа инвестиција ја чинеше локалната власт повеќе од два милиона евра. “Тоа се средства коишто директно преку буџетот на Општина Штип се издвоија за да се промени секундарната водоводна линија.” Исто така, променета е и главната водоводна линија во должина од пет километри, во ниската зона, што исто така придонесе за подобрување на водоснабдувањето. За оваа инвестиција се потрошени помалку од половина милион евра.
Според пресметките на општината, во последните четири години се инвестирани околу шест милиони евра во капитални проекти за водоснабдување во Штип. “Со реализацијата на сите овие проекти верувам дека Штип конечно го решава проблемот со водоснабдувањето, бидејќи во одредени делови на градот жителите во летните месеци остануваа со слаб притисок или воопшто немаа вода.”
Јорданов додаде: “Нешто перспективно што исто така треба да го решиме е водоснабдувањето на одредени селски средини, рурални средини, што се оддалечени од градот и не се поврзани на водоводниот систем на јавното претпријатие „Исар“, а се снабдуваат преку бунарски системи. Тоа е еден предизвик кон кој треба да се насочиме и да работиме.”
Штип ќе добие и современ Скада систем, со што ќе се избегнат рестрикциите на водата за пиење во летните месеци, како што беше случај до пред неколку години. Штипската Филтер станица е адаптирана и почна да прима вода од Хидросистемот „Злетовица“, што овозможува доволни количини на вода за потребите на градот и новите населби.
Сепак, поради старата водоводна мрежа и кражбите, сѐ уште има загуби на вода за пиење од 62 до 65 отсто. Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, вели дека за да се реши овој проблем, ќе се реализира проектот Скада систем, со средства од вториот јавен повик за искористување пари од унгарскиот заем.
“За да се намали потрошувачката на вода, да се превенираат загубите, новонастанатите загуби на вода, како и да се спречат дивите приклучоци, односно кражбите на вода и порано да се детектираат дефектите што настануваат, а кои не се видливи со голо око, односно не се површински и да се заокружи целокупен процес, Јавното претпријатие „Исар“ во изминатиот период работеше и изготви техничко решение, односно основен проект за Скада системот,” вели Арсовски.
На резервоарите и на неколку локации на водоводната мрежа во градот Штип ќе се постават мерни инструменти, кои ќе ја мерат загубата на водата за пиење, а во просториите на ЈП „Исар“ ќе има и современ компјутерски, мониторинг систем, преку кој ќе се следи каде се троши или се губи водата за пиење.
За Скада системот се планира да се потрошат околу 30 милиони денари, а дополнително секоја година, според Програмата за работа на ЈП „Исар“, се врши замена на старата азбестна мрежа во должина од шест до десет километри.
Штипскиот градоначалник, Јорданов, заклучи дека како локална власт мора да има визија и средства за решавање на проблемите на граѓаните. Еден од тие проблеми во изминатите четири години беше водоснабдувањето на градот Штип, кој има комплексна конфигурација на водоводната и канализациска мрежа.
(Викторија Димитрова-Јованова, Фото: МИА, Извор: МИА)