Известувачот на Европскиот парламент за Албанија, Андреас Шидер, изрази уверување дека пристапувањето на Албанија кон Европската Унија е достижно во текот на оваа деценија.
Според неговите зборови, доколку албанскиот парламент и влада ги одржуваат сегашните напори за имплементација на реформи, членството во ЕУ може да се реализира во рамките на актуелниот мандат на Европскиот парламент, кој завршува кон крајот на 2029 година.
Тој беше дел од форумот „Уште неколку чекори до ЕУ“, кој се одржа во крајбрежниот град Валона. Настанот беше организиран од амбасадорот на Албанија во Австрија, Фатех Велај, и собра амбасадори на ЕУ акредитирани во Албанија, како и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали.
Шидер подвлече дека Европа нема да биде целосна сè додека целиот Западен Балкан, а особено Албанија, не стане нејзин дел.
„Откако ја доби статус на кандидат, Албанија природно се посвети на брз напредок и спроведување реформи. Интеграцијата во ЕУ ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните.“, потенцираше тој.
„Надвор од техничките аспекти што се однесуваат на судството, економската модернизација, јавната администрација, зголемената транспарентност на медиумите, образованието и други области, членството во ЕУ им носи на граѓаните, особено на младите, повисок животен стандард, а во исто време вклучува придобивки, предизвици и одговорности во сите сектори“, изјави Шидер.
Тој нагласи дека европската интеграција претставува заеднички проект за целото општество и дека секој граѓанин треба да биде активно вклучен.
„Интеграцијата во ЕУ не е само владин проект, туку и проект на целото општество: бизниси, работници, ученици, студенти, научници и секој граѓанин. Секој мора да се вклучи во овој потфат.“, порача тој.
„Тоа беше сон во 1990-тите и ние во Австрија го споделувавме овој сон дури и пред да се приклучиме кон ЕУ. Сега го гледам истиот сон во Албанија“, посочи Шидер, како што пренесе АТА.
Тој додаде дека верува дека „проширувањето не е само напор од страна на Албанија, туку и можност за целата Европска Унија“.