Шведска годинава воведе драстично зголемена финансиска помош за одредени мигранти кои доброволно ќе ја напуштат земјата и ќе се преселат во државата на потекло.
Од 1 јануари 2026 година, полнолетно лице може да добие до 350.000 шведски круни, односно околу 32.000 евра. За брачен или вонбрачен пар максималниот износ е 500.000 круни, додека едно домаќинство може да добие до 600.000 круни или околу 55.000 евра.
За секое дете се предвидени дополнителни 25.000 круни, односно околу 2.300 евра.
Помошта не е наменета за сите странци во Шведска. Право на неа, под одредени услови, имаат лица со дозвола за престој добиена врз основа на заштита, како бегалци или лица со супсидијарна заштита.
Програмата постои уште од 1984 година, но претходниот финансиски поттик бил само 10.000 круни за возрасен. Со новите правила сумата е зголемена 35 пати.
Шведската влада мерката ја образложува како можност за луѓето кои не успеале да се интегрираат да започнат нов живот во својата земја или друга држава каде што имаат право на престој.
Мерката привлече големо внимание уште во првите месеци, а шведските власти почнаа да ги одобруваат и првите барања. Сепак, политиката предизвика и критики, особено поради прашањата околу нејзината ефикасност и можните последици.
Со зголемувањето на износите, Шведска испраќа јасна порака дека доброволното враќање сака да го направи значително попривлечно од досега, пишува Пословни дневник.хр.