Во 2023 година Владата и Министерството за образование и наука обезбедија континуитет на започнатите промени во образованието. Годинава пак, развојот на воспитно – образовниот систем уште повеќе се интензивира, за што обезбеден е рекорден буџет досега во износ од над 32 милијарди денари. Се посветуваме подеднакво на изработка на нови наставни програми и учебници, на модернизација на инфраструктурните услови и на подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар во училиштата. Верувам во успех затоа што политиките ги градиме врз база на анализи и факти, со поддршка од пошироката јавност, но и од меѓународната заедница.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната панел дискусија „Европски можности преку модернизација на социјални, образовни и здравствени политики“ како дел од годишната владина конференција „Година на европски можности“ што денес и утре се одржува во Скопје, а на која се презентираат постигањата на институциите во изминатата година, но и плановите и приоритетите за 2024.
„Стигнавме до изработка на нови учебници за седмо одделение во основното образование и треба да бидат готови до септември, а паралелно ќе се работат и наставните програми за осмо одделение, при што реформата ќе се заокружи за две години отсега“ рече Шаќири, потенцирајќи дека и условите за настава значително се подобрија изминатите 365 дена.
„Само во период од една година реконструиравме 80-тина училишни објекти, а изградивме и 4 нови, како и една училишна спортска сала. Во сите е посветено внимание на инклузијата и пристапноста за учениците со попреченост. Годинава пак, за капитални инвестиции ќе одвоиме над 1,3 милијарди денари или тоа е за 50 % повеќе од ланскиот буџет. Ова се средства со кои планираме да реконструираме 90-тина училишни објекти, да започне изградбата на 5 нови и да се прошират просторните капацитети во постоечки 15-тина“, рече министерот, додавајќи дека лани беше отворен еден нов студентски дом во Тетово, а годинава со „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе започне етапната реконструкција на девет државни студентски домови.
Информираше дека набавени се нови кабинети и лаборатории по природни науки за 358 основни училишта, нови нагледни средства и помагала по историја и географија, но и дека се посвети значително внимание на дигитализацијата, преку поставување на нова ИТ и мрежна инфраструктура во 40 училишни објекти. Како што рече, овој процес продолжува и годинава, исто како и креирањето на дигитални интерактивни учебници за основците, за кои до овој момент достапни во дигитален формат се учебниците од четврто, петто и шесто одделение. Се очекува во текот на годинава да се воведе и нов електронски дневник, кој е во фаза на тестирање и треба да ги елиминира предизвиците со кои се соочуваат наставниците при примената на постојниот.
„Особена чест ми е што, само во 2023 година, платите на наставниците ги зголемивме за 18%, а притоа обезбедивме и можности за напредување во звање ментор за 50-тина наставници, преку транспарентен повик. Обуките на наставниот кадар станаа вообичаена пракса. Како никогаш претходно, во последните две години организираме обуки на различни теми од интерес на наставниците за поквалитетна настава и поддршка на учениците. Недостасуваа обуки и ние ги овозможивме. Само лани опфативме над 18.000 наставници и стручни соработници со истите“, рече министерот.
Во делот на средното образование минатата година фокусот беше ставен на проширување на концептот на дуално образование, кој го направи стручното образование интересно за младите, нудејќи повеќе пракса, а помалку теорија. Како што нагласи, дуалното образование се уредува со нов Закон за стручно образование и обука, кој пак, заедно со нов Закон за средно образование пред неколку денови е усвоен од Владата и пуштен во собраниска процедура.
„Пред четири години имавме само 98 ученици во 11 дуални паралелки, а денес имаме речиси 7000 ученици во 592 дуални паралелки, од кои 3900 се запишаа лани во прва година и за овие постигања особено сум благодарен на швајцарската амбасада која обезбеди најголема поддршка во овие наши напори“, рече Шаќири додавајќи дека во меѓувреме формирани се и три нови регионални центри за стручно образование и обука., така што сега се вкупно пет.
Важен приоритет на кој МОН кој ќе работи во 2024 година заедно со УНИЦЕФ и Светска банка е креирање на нова формула на финансирање на основното и средното образование заради праведна распределба на средства согласно потребите на учениците. Исто така, ќе се работи и на оптимизација на училишната мрежа што ќе значи подобро искористување на расположливите кадровски и просторни услови.
Шаќири ја спомена и грижата за психолошкото здравје на учениците, за што заедно со УНИЦЕФ и министерствата за здравство, труд и социјална политика, со Бирото за развој на образованието, веќе се спроведува посебна програма, а се зголемува и бројот на стручните соработници во училиштата и се организираат обуки за јакнење на капацитетите на психолозите, педагозите и наставниците.
По однос на ученичкиот и студентскиот стандард, Шаќири рече дека МОН ги слуша барањата и потребите на младите, зголемувајќи го износот на постојните стипендии, воведувајќи нови категории, но и други форми на финансиска поддршка како субвенционираниот студентски оброк кој од 2400 денари месечно, во 2023 година е зголемен на 3300 денари. Дополнително, кон крајот на минатата година се воведоа и антикризни мерки за покривање на дел од трошоците за превоз на студентите и за олеснување на трошоците на семејствата на ученици со пониски месечни примања.
На почетокот на овој месец МОН објави и конкурси за доделување на стипендии за студии од втор и трет циклус на домашните високообразовни установи. Тие сè уште се активни и заинтересираните можат да ги погледнат условите и да аплицираат за финансиска поддршка на нивното академско образование.
„Очекувам успешна година и остварување на целите од Стратешкиот план, Стратегијата за образование и Годишниот план за работа на МОН. Имаме силна волја и мотив да работиме, но и широка поддршка и очекувам така да остане и во иднина, затоа што конечно развојот на образованието е обврска на сите нас и затоа што вложувањата во знаењето на граѓаните немаат друга алтернатива“ рече Шаќири.
На панел дискусијата се обратија и министрите за труд и социјална политика и за здравство, Јована Тренчевска и Фатмир Меџити, швајцарската амбасадорка Вероник Улман, претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција Ди Џовани, Бојана Нацева специјалист за образование од Светска банка и Стојан Бајрактаров, директор на психијатриската клиника во Скопје.
Министерство за образование и наука