Црна Гора направи нов чекор кон полноправно членство во Европската Унија, откако денеска успешно затвори уште две преговарачки поглавја. Станува збор за областите што ги опфаќаат слободното движење на стоки, како и безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.
Со најновата одлука, Подгорица продолжува да ја забрзува европската интеграција, со амбиција да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да стане полноправна членка на Унијата во 2028 година.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ оцени дека постигнатиот резултат е потврда за посветеноста на институциите и спроведувањето на реформите.
„Секоја реформа бара голема посветеност, а резултатите се тука. Нашиот фокус останува непроменет – владеење на правото, силни институции и подобар животен стандард за граѓаните. Ќе продолжиме напорно да работиме во наредните недели за да ги затвориме сите поглавја до крајот на годината, со цел договорот за пристапување да биде потпишан во јуни и да ја оствариме историската цел – полноправно членство на Црна Гора во ЕУ во 2028 година“, изјави Спајиќ.
Поддршка за амбициозниот временски план доаѓа и од Ирска, која ја нагласува можноста преговорите да бидат завршени за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ.
Ирскиот министер за Европа, Томас Бирн, изјави дека и понатаму верува оти сите преостанати поглавја можат да бидат затворени до крајот на годината. Сепак, тој посочи дека сè уште постојат одредени нерешени прашања, меѓу кои и теми поврзани со односите меѓу Црна Гора и Хрватска.
Спајиќ порача дека црногорската влада ќе вложи напори сите отворени прашања со Загреб да бидат решени во европски дух и преку дијалог.
Црна Гора во моментов важи за една од најнапредните земји кандидати во процесот на проширување на Европската Унија, а исполнувањето на поставените рокови би можело да ја направи првата нова членка на Унијата по подолг период.