Праведна конкурентност во економијата преку откривање на царински манипулации со прехранбени производи, зголемена сигурност на храната која влегува во земјата преку заедничко и координирано дејствување на Царинската управа и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и поедноставување и забрзување на легалната размена на стоки преку усогласување на работните смени на двете институции.
Ова се опипливите резултати од активностите на институциите, кои беа утврдени од страна на директорите на Царинската управа Бобан Николовски и на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.
На денешната средба, Николовски и Миланов нагласија дека дефинираните активности веќе даваат забележителни резултати кои се признати од страна на бизнис секторот и граѓаните.
“Увозите на храна каде се сомневавме дека неправилно ја распоредуваат стоката ги ставивме на критериум на ризик, при што откривме повеќе случаи на царински измами каде увозите се распоредувале во тарифни ознаки со пониски царински стапки со цел избегнување плаќање давачки.” Поднесени се кривични пријави за царинска измама и остварена е дополнителна наплата на приходи по овој основ. “Преку координиран пристап со АХВ овозможуваме уште пожестока борба со ваквите кривични дела,” изјави Николовски.
На состанокот се договорија и нови мерки со цел понатамошно олеснување на трговијата, на кои двете институции ќе работат во наредниот период. “Во изминатиот период беа извршени и обуки за контрола на увозите и извозите на храна, како и контрола на внес и изнес на миленици, приспособени на реални сценарија, со цел истите да бидат ефикасни.” По овој повод директорот Миланов, на директорот Николовски, му врачи сертификат за успешно реализирани обуки.
Царинската управа ќе продолжи со мерки за заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување праведна конкурентност на пазарот, информира Царинската управа.
лв/вј/фото: Царинска управа