Почитувани присутни, Mи претставува особено задоволство да бидам меѓу вас во Глобалната недела на медиумска и информациска писменост за да рефлектираме за виталната важност на медиумите и медиумската писменост, кои се нераскинлив дел од нашето секојдневие. „Кој ги контролира медиумите, ги контролирал умовите“ е важен цитат, а не го спомнувам случајно; тоа е порака која соодветствува со денешната ситуација и тема.
Убеден сум дека секој од нас е свесен за моќта која ја имаат медиумите во создавањето на информирано и активно општество. Јас како политичар и како избраник од народот, можам да кажам дека улогата на медиумите ја гледам надвор од оваа функција. Тоа го велам затоа што нивната моќ е клучна за зајакнувањето на демократијата, но, исто така, може да биде и огромна закана кон неа.
Ширењето на фактичка, навремена и веродостојна информација е најдобриот механизам за граѓаните да се здобијат со потребните знаења во одредени околности. Така тие ќе бидат внимателни, активни и критични, способни да придонесат за демократскиот развој на земјата. Спротивно на тоа, недостатокот на точните информации, или уште полошо, наметнувањето на погрешни информации, ќе доведе до манипулација со мислите/мислењата на граѓаните, создавајќи на тој начин несвесна, дури и рамнодушна маса, која во ниту еден случај не помага за демократијата, развојот или промените.
Ние не можеме да промениме нешто за што не сме свесни, а свесни сме само кога сме добро информирани. Затоа, верувам дека е од суштинско значење да научиме да ги разликуваме вистинските информации од лажните информации. Уште посуштинско е да се погрижиме граѓаните, а особено младите, да бидат подготвени да ги анализираат и проценат информациите што ги добиваат.
Се согласувам дека тоа не е лесна задача во еден глобализиран и дигитален свет, каде што медиумите несомнено се протагонисти на оваа ера, но, за справување со овој предизвик, потребна е заедничка посветеност, сериозна работа и сеопфатен пристап. Потребно е постојано да ја промовираме медиумската писменост во училишта, универзитети, институции и во различни заедници. Убеден сум дека ова е клучна можност за продлабочување на соработката меѓу институциите, граѓанското општество и медиумите кои работат за оваа цел.
Затоа, ве охрабрувам да ги зајакнеме нашите проекти и да предложиме конкретни идеи за да се обезбеди ефективна медиумска писменост, што ќе ни овозможи да ги користиме медиумите во корист на правично информирање, подигање на свеста и промоција на различностите.
Во мое лично име и како претседател на Собранието, можам да ве уверам дека Собранието на Република Северна Македонија секогаш ќе биде отворено и подготвено да ѝ служи на оваа цел.Добредојдена е секоја иницијатива, секој предлог и механизам што ни овозможува да ги зајакнеме правните акти и рамки за подоверливи медиуми и поинформирани и поактивни граѓани. Ви благодарам на вниманието! Посакувам да имаме плодна работа и дискусија за време на оваа дебата!