На денот кога требаше да го прослави роденденот, споменот на младиот фотограф се враќа преку неговите фотографии и посебна меморијална изложба.
Александар Ефремов од Штип денеска требаше да го прослави својот роденден со семејството, пријателите и најблиските. Наместо тоа, неговото име повторно се споменува со голема тага, но и со благодарност за фотографиите и спомените што ги остави зад себе.
Александар беше меѓу младите луѓе кои го загубија животот во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година. Како фотограф, голем дел од својот живот го посветил на создавање спомени преку објективот – бележејќи луѓе, настани, насмевки и моменти кои остануваат.
По повод неговиот роденден, на Фејсбук страницата „Со срце за Кочани“ беше објавена емотивна порака посветена на Александар и неговото семејство. Споделена е и илустрација на која тој е прикажан со ангелски крилја, торта и фотоапарат, како симбол на животот што го посветил на фотографијата.
Во пораката се потсетува на неговата професија и на фактот дека човекот кој ги овековечувал туѓите најсреќни моменти денес останал присутен преку сопствените фотографии. Посебно се споменуваат неговите мајка, татко, сестра и внуците, за кои бил сакан вујко.
Поврзани објави
Но, токму денес, во неговиот роден Штип, споменот за Александар ќе биде оживеан и преку неговата уметност. Во Уметничката галерија „Безистен“ на 28 септември, со почеток во 18:30 часот, се отвора меморијалната изложба на негови авторски фотографии, насловена „Окото на ангелот“.
Изложбата ќе биде отворена до 30 септември и е замислена како место каде неговото семејство, пријателите, колегите и сограѓаните ќе можат повторно да се сретнат со неговиот свет – овојпат преку фотографиите што ги создал.
Александар останува дел од споменот на сите млади животи изгубени во трагедијата во Кочани. Нивните приказни продолжуваат да живеат преку семејствата, пријателите, фотографиите, музиката и сеќавањата што останаа зад нив.
Фото: Фејсбук – принтскрин