Словачка планира во вторник да склучи спогодба со Европската комисија (ЕК) и сојузниците од ЕУ, со која ќе се осигура дека државата нема да сноси последици од прекинот во снабдувањето со руски гас или од нов пакет санкции против Русија, рече денес словачкиот премиер Роберт Фицо.
Според извештаите на британските медиуми, Словачка го закочи 18-тиот пакет санкции на ЕУ заради несогласувањето со специфичниот предлог на ЕК за целосно запирање на увозот на руски гас од 2028 година, за што тврди дека може да предизвика дефицит, пораст на цените и транзитните давачки, како и барања за компензација од рускиот снабдувач Газпром.
„Мораме нешто да добиеме во оваа борба, иако тоа нема да биде совршен резултат 100:0. Сакаме политички обврски и гаранции од нашите партнери и ЕК дека овој проблем нема да падне само на грбот на Словачка“, изјави Фицо.
Словачкиот премиер напомена дека сѐ уште е неизвесно дали ќе се постигне спогодба, бидејќи одредени прашања сѐ уште остануваат отворени. Фицо објави дека една од темите на дискусија била „ограничување на транзитните такси што Словачка би морала да ги исплаќа за алтернативните насоки за неруски гас“.
сд/фото:МИА архива .
Извор: МИА