Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе предложи законско решение базирано на барањата на винарите, кое предвидува три денари повеќе за килограм произведено грозје.
“И законскиот предлог утре или задутре ќе го поднесеме во Собранието,” изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на прашање од новинар на настанот посветен на откривање на муралот во чест на 40 години „Бушава азбука“.
“Искрено се надевам, еве го контекстот на конструктивноста, дека власта ќе има слух и дека ќе ги поддржи лозарите, затоа што станува збор за една област од којашто живеат над 10,000 луѓе во Македонија,” додаде тој.
Филипче нагласи дека актуелната власт ги оставила винарите без помош, фаворизирајќи ги големите бизниси. “Тоа дека лозарите не се задоволни, јас вчера го слушнав од нив самите. Тие кажаа дека цената на откуп на грозјето е недоволна.”
Тој објасни дека Владата, во споредба со претходната година, ја покачила откупната цена за само половина денар, без да ги земе предвид зголемените трошоци за нафта, работна сила, прскање на лозјата и други давачки. “Дополнително, не се калкулираат и двата денари субвенција по килограм што лани нашата влада ги даваше на лозарите. Значи практично, откупната цена оваа година е многу пониска,” рече Филипче.
Според него, лозарите оправдано се жалат и за субвенцијата од два денари по литар вино што се дава на винариите за минатогодишното грозје. “Излегува дека е заштитен само крупниот бизнис, големите компании. Нема никаква логика,” заклучи претседателот на СДСМ.