Почетна ЕкономијаУставниот суд ќе одлучува за предметите за Изборниот законик, оценувањето на јавните обвинители и „Медреса Иса Бег” од Кондово

Уставниот суд ќе одлучува за предметите за Изборниот законик, оценувањето на јавните обвинители и „Медреса Иса Бег” од Кондово

од nenad
3 минути читај за

Уставниот суд на денешната седница треба да донесе конечни одлуки за предметите поврзани со Изборниот законик, евалуацијата на јавните обвинители и „Медреса Иса Бег” од Кондово.

Како што известуваат од Уставен суд, за предметот кој се однесува на членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, Судот на 26.02.2025 година започна постапка за одредбите со кои е зголемен прагот на потписи неопходни за поднесување независни граѓански листи на избори на 1% од избирачкото тело.

Судот изрази резерва дека оспорените законски норми не се во функција на постигнување на целите на изборното законодавство, бидејќи преку зголемувањето на бројот на потписите потребни за кандидирање на независните кандидати, истите ги отстрануваат од изборниот процес, им се ускратува да го остварат правото на кандидирање како елемент на пасивното избирачко право, со што и на граѓаните кои ги поддржуваат им се лимитира избирачкото право и правото на политичко делување, бидејќи нивниот избор се сведува само на партиски кандидати и на политичкото делување во рамки на политичките партии. Ограничувањето на бројот на потенцијални изборни субјекти во изборниот процес ги одзема демократските атрибути на слободни и фер избори и директно го загрозува и ослабува политичкиот плурализам, како основна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.

Во врска со предметот кој се однесува на член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Судот изрази сомнеж дека во наведените закони не постои законско регулирање за тоа дека мандатот на членовите на Советот избрани од страна на јавните обвинители влегува во позитивно оценет јавно обвинителски стаж, дотолку повеќе што согласно член 7 став 4 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија на избраните членови на Советот од редот на јавните обвинители, додека им трае мандатот во Советот, им мирува функцијата јавен обвинител односно не вршат јавнообвинителска функција. Можност за преиначување или проширување на правата на избраните и именуваните членови на Советот на јавните обвинители со подзаконски акт во наведените закони, не постои. Судот изрази сомнеж дека Советот во овој случај излегол од уставно и законски утврдената надлежност. Кога станува збор за оценката, која може да биде позитивна и негативна, на јавнообвинителскиот стаж, таа се однесува само на обвинителите кои непосредно ја вршат обвинителската функција.

Носители на обвинителската функција можат да бидат само обвинителите. Тие се и извршители кои со своето работење во процесот на обвинителската функција придонесуваат во остварување на истата. Правно неосновано е и мандатот на членовите на Советот на јавните обвинители да влегува во позитивно оценет јавнообвинителен стаж. Според наведената регулатива која се оспорува, самите членови на Советот на јавните обвинители треба позитивно да ја оценуваат работата на своите колеги.

По предметот кој се однесува на Одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје, Судот ги оцени како основани наводите во иницијативата дека со донесувањето на оспорената одлука Владата ја повредила уставната одредба за одвоеност на државата од верските прашања. Уставниот суд изрази сомнеж дека Владата дала согласност на верска заедница – Исламската верска заедница да основа гимназија, иако според Амандманот VII oд Уставот, верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија. Такво училиште, за изучување на исламската вера, веќе постои, тоа е Средното исламско училиште „Медреса Иса Бег“ во с. Кондово кое претставува едукативно-образовна институција на Исламската верска заедница која е негов основач и се грижи за остварувањето на едукативниот и образовниот процес и за плановите и програмите за верската поука.

За овие три предмети дискусијата е заокружена и сите се во фаза на гласање.

дма/нд/Фото: МИА архива .