Почетна ЕкономијаУПОЗ: Зголемување на платите за вработените кои вршат селекција на кандидати во Агенцијата за администрација

УПОЗ: Зголемување на платите за вработените кои вршат селекција на кандидати во Агенцијата за администрација

од nenad
2 минути читај за

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Синдикалната организација при Агенцијата за администрација бараат покачување од 30 проценти на надоместоците на службениците во Одделението за избор на кандидати за вработување во Агенцијата за администрација, а во спротивно најавуваат прекин на работните активности.

Синдикатите денес изјавија дека осумдесет проценти од службениците во Агенцијата за администрација имаат помала плата од државниот просек.

Во официјалното соопштение, синдикатите ја изразуваат нивната загриженост за положбата на вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување, за кои напоменуваат дека секојдневно, со години, се изложени на притисоци (институционални, административни, политички, јавни и психолошки).

“Токму овие вработени ги спроведуваат постапките за вработување во јавниот сектор.”

Одговорноста при извршувањето на работните обврски во околности на притисоци и кратки временски рокови која ја имаат овие службеници е огромна, имајќи го во предвид фактот дека заклучно со 09.07.2025 година, бројот на објавени огласи за ангажирање на административни работници изнесува 730, а значаен дел од овие јавни конкурси се распишани за повеќе работни позиции, односно извршители.

Ова е најголема бројка на објавени конкурси за вработување откако постои Агенцијата за администрација, видливо од годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација, достапни на нејзината веб страница. Со години наназад, пред објавување на сите досегашни избори, а и оваа година, со цел да се финализираат огласите пред да се распишат локалните избори, службениците од Секторот за селекција во Агенцијата за администрација работат под особено голем притисок кој произлегува од спроведувањето на постапките во многу кратки периоди, што директно влијае на нивното ментално и физичко здравје, како и попречување на нивното нормално функционирање надвор од работното време, се наведува во соопштението.

Разочарувачки е фактот дека скоро 80 проценти од вработените во Агенцијата за администрација примаат помала плата од просечната плата во државата, како и тоа што одливот на кадар се зголемува секоја година, а за разлика од останатите институции, во Агенцијата за администрација не се одобруваат средства за унапредувања и нови вработувања, а службениците во Агенцијата за администрација се недоволно ценети, преоптоварени, исцрпени и со преголем обем на работа.

“Доколку најитно не се преземат понатамошни чекори за решавање на долгогодишните проблеми со кои се соочуваат вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување во Агенцијата за администрација од страна на надлежните институции, ќе се пристапи кон прекин на работниот процес во знак на протест заради немање на слух за решавање на нивниот долгогодишен проблем, односно зголемување на платите на овие вработени за најмалку 30 проценти,” соопшти Синдикатот на УПОЗ.

лв/са/Фото: МИА архива .
Извор: МИА