Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, за време на денешната конференција за медиуми, потенцираше дека Унгарија набавува руска нафта поради тоа што не постои друга опција.
Коментирајќи го вчерашното барање на американскиот претседател Доналд Трамп, европските држави да прекинат со купување руска нафта, бидејќи на тој начин ја финансираат војната во Украина, Сијарто изјави: „Најгласните критичари на Унгарија и на Словачка за тоа каде ја купуваат својата нафта се лицемери затоа што многу од нив купуваат и руска нафта со попуст преку одредени азиски земји“, укажа Сијарто.
Тој дополни дека „тие тајно купуваат руска нафта, затоа што е поевтина. Ние купуваме руска нафта отворено затоа што немаме друг избор“.
Нагласувајќи го аспект на физичкото снабдување со енергенси, Сијарто напомена дека Унгарија мора да соработува со Русија за да обезбеди сигурност во снабдувањето, особено откако Европската Унија ги одби барањата на Будимпешта за помош во подобрувањето на снабдувањето со гас на Југоисточна Европа, додека Хрватска петкратно ги зголемила транзитните надоместоци од европските референтни вредности, наместо да кооперира за проширување на транзитната инфраструктура.