Украина ќе има потреба од најмалку 120 милијарди американски долари за воени цели во 2026 година, додека конфликтот влегува во својата четврта година, објави министерот за одбрана Денис Шмигал.
Тој истакна дека финансиската поддршка е клучна за одржување на одбранбените позиции, изработка на беспилотни летала и останато вооружување, зајакнување на системите за противвоздушна заштита и спречување на понатамошна руска агресија. “Економијата на војната покажува дека ако трошиме помалку од Русија, почнуваме да плаќаме со територии и, пред сè, со животи”, изјави Шмигал на годишна конференција во Киев.
Од руската инвазија во февруари 2022 година, украинските трошоци за одбрана драстично се зголемија, достигнувајќи над 31% од бруто домашниот производ за војската. Буџетот за 2025 година предвидува најмалку 63 милијарди долари за одбрана, покрај оружјето обезбедено од западните сојузници.
Роксолана Пидласа, претседателка на парламентарната комисија за буџет, изјави дека трошоците за војната се зголемуваат, при што еден ден од војната во 2025 година чини 172 милиони долари, споредено со 140 милиони во 2024 година. Овие трошоци ги покриваат платите на војниците, оружјето и надоместоците за повредените или загинатите.
Украинските власти апелираа до сојузниците да пронајдат начини за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Киев. Војната ескалираше во последните месеци, со жестоки борби долж над 1.000 километри од фронтот и чести руски воздушни напади врз украинските градови.
Дипломатските напори за прекин на војната досега не дадоа резултати. “Додека не се постигне дипломатско решение, мораме да продолжиме да се бориме, а за тоа ни требаат пари. Одбраната има огромна финансиска цена”, рече Пидласа.
ссм/фото: ЕПА архива .
Извор: МИА