Почетна Убавина и здравје„Убавина за мене е негувана и средена личност, со енергија што зрачи“ – Убавина и здравје

„Убавина за мене е негувана и средена личност, со енергија што зрачи“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Актерката и директорка на Центарот за култура во Битола ни ги откри тајните на убавината

Нејзината професија како актерка во Битолски театар ѝ овозможува да се трансформира во различни ликови со помош на шминка и костими. Нејзината функција како директорка на НУ Центар за култура – Битола, пак, ѝ налага секогаш да изгледа средено и таа тоа го прави со големо задоволство. Маја Андоновска Илијевски ни ја откри нејзината дефиниција за убавина.

Како се има менувано твојата перцепција за убавината низ годините?

Ако порано сметав дека убаво значи совршено, без разлика дали тоа се однесува на совршени заби, нос, уши, тело…, денес за мене е убаво сето тоа што го прави еден човек посебен. А отсекогаш и засекогаш, убавина за мене ќе биде негувана и средена личност, со енергија што зрачи.

Од кои правила за нега никогаш не отстапуваш?

Никогаш не легнувам во кревет без добро да го исчистам лицето. Најпрво, го чистам со мицеларна вода, потоа го мијам со специјална пена за лице, па го тонирам и на крај, нанесувам крем за лице. Во есенскиот и зимскиот период воведувам и серуми за лице. Имам доста сува кожа, па се обидувам да ја одржувам хидрирана.

Покрај сите професионални и семејни обврски, многу жени ја занемаруваат грижата за себе…


Поврзани објави

Да бидам искрена, и јас сум во таа група жени кои сè помалку наоѓаат време за себе, но се трудам да одржувам некаков баланс. Гените се заслужни за надворешниот изглед, бидејќи повеќе од 15 години ги имам истите килограми. Морам да станам физички поактивна, веќе чувствувам потреба да ѝ се вратам на јогата, која многу ми годи. Треба да поработам и на тоа што сум ноќна птица, си легнувам многу доцна и не пијам доволно вода. А еден од најпознатите трикови за убавина е добар сон и две литри вода дневно. Кога станува збор за внатрешната убавина, благословена сум со мојата професија која не ми дава да мирувам. Актерите учат додека се живи, па така и јас постојано истражувам, читам, гледам филмови… Сцената е место каде што можам креативно да се изразам, а секојдневието е место од каде што се инспирирам. Како човек, секогаш тргнувам од убавината: убава енергија, убави емоции, убави луѓе…

Кои работи кај себе ги сметаш за свои најсилни страни, а кои би сакала да ги промениш?

Сметам дека сум упорна личност, непосредна, топла и отворена, знам да помогнам и ислушам, што ме доближува до светот и ми отвора железни врати. Мана ми е тоа што се ставам себеси на последно место, но интензивно работам на тоа последниве години и конечно сфатив дека кога јас сум добро, сите околу мене се подобро. Физички не би променила ништо, иако како и сите жени и јас се соочувам со први брчки, целулит… – природни процеси со кои секојдневно војувам.

Си имала ли период кога си се чувствувала несигурно во себе?

Кога бев на факултет, често знаев да се пошегувам дека од првиот голем хонорар ќе направам пластична операција на сонот. Секако, тоа не го направив и научив да се носам со она што ми го дала природата, како и да се шегувам на своја сметка. Растејќи, научив дека луѓето ќе те паметат по емоцијата што си им ја предизвикал, а не по совршената слика без содржина.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Разговор за убавината: Сања Ристиќ ни откри што (не) сака кај себе