Почетна Убавина и здравје„Убавата душа никогаш не излегува од мода“ – Убавина и здравје

„Убавата душа никогаш не излегува од мода“ – Убавина и здравје

од nenad
2 минути читај за

Телевизиската и радиоводителка Елена Митева е доказ дека вистинската убавина не се мери со години, туку со внатрешниот сјај. Со својата смиреност, искреност и автентичност, таа со текот на времето изгледа сè подобро – и тоа не само однадвор.

Митева, која публиката најпрво ја запозна преку „Утринска на Телма“, а денес ја следи во забавната емисија „Фидбек со Елена“, открива дека зад нејзиниот изглед не стојат тајни формули, туку животна филозофија: добрината, мирот и грижата за себе се најдобрата нега.


Како се менува поимот за убавина со годините?

„Кога бев помала, убавината за мене беше она што прво се гледа – облеката, фризурата, трендовите. Сè што беше модерно и ‘ИН’ ми изгледаше убаво“, признава Елена.

Со годините, вели таа, погледот кон убавината целосно ѝ се променил.

„Денес убавината ја гледам во мирот, добрината и искреноста. Физичката убавина е минлива, но убавата душа никогаш не излегува од мода. Убави се луѓето кои се свои, човечни и топли.“


Правила за нега од кои никогаш не отстапува

За Елена, негата не е следење трендови, туку слушање на сопственото тело.

„Подобро е едноставна, но редовна рутина, отколку комплицирана што ја правите повремено“, вели таа и ги издвојува своите непишани правила:

  • хидратација однатре и однадвор,

  • никогаш спиење со шминка,

  • малку, но квалитетни производи,

  • и – можеби најважно – нега на умот.

„Менталниот мир и насмевката се најдобрата козметика.“


Природна или целосно средена – кога се чувствува најубаво?

И во двата случаи, но најмногу кога е во свој ритам.

„Без разлика дали сум на сцена, со шминка и рефлектори, или дома, во голем џемпер и без шминка – ако сум спокојна и задоволна со себе, тогаш навистина блескам.“


Менталното здравје како приоритет

Поврзани објави

Елена отворено зборува дека внатрешната рамнотежа е клучна за надворешниот изглед.

„Секој ден се трудам да направам нешто за себе – тренинг, кратка прошетка и многу музика“, вели таа.

Најголемата сила, признава, ја црпи од времето поминато со својот син Дион.

„Тие моменти ме потсетуваат што е навистина важно. А пријателите, разговорите, смеата и прегратките се терапија што не се купува.“


Што мисли за денешните стандарди за убавина?

„Од една страна инспирираат, но од друга создаваат притисок“, смета Митева.

Таа не ги поддржува екстремните естетски корекции и униформираноста.

„Убавината треба да биде слобода, а не стандард. Најважно е човек да се чувствува добро во својата кожа.“


Самодовербата и годините

Како и секој човек, и таа имала моменти на несигурност, но со текот на времето научила да се прифаќа.

„Денес не се трудам да бидам совршена, туку вистинска.“

Кога станува збор за годините, Елена е јасна:

„Не се плашам од стареењето. Годините се доказ дека живеам, учам и созревам. Вистинската убавина доаѓа со зрелоста – кога веќе не се обидуваш да импресионираш, туку да бидеш свој.“


Порака за крај

„Кога човек е внатрешно смирен, благодарен и опкружен со љубов, тоа се гледа на лицето повеќе од која било шминка.“

Фото: Инстаграм