Почетна Економија Туризмот со голем раст, Македонија станува сè подостапна за туристите

 Туризмот со голем раст, Македонија станува сè подостапна за туристите

од nenad
1 минути читај за

Македонија бележи позитивни резултати во туристичкиот сектор, со повеќе од 1,1 милион туристи и речиси три милиони ноќевања заклучно со септември годинава. Резултатите кои ги презентираше Владата покажуваат дека земјата е на добар пат да ги надмине првично поставените цели, што претставува охрабрувачки сигнал за развојот на туризмот и домашната економија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во третиот квартал од годината се регистрирани 35.000 туристи повеќе и 110.000 ноќевања повеќе во споредба со истиот период минатата година. Тоа претставува раст од над шест проценти и кај бројот на туристи и кај бројот на ноќевања.

Позитивниот тренд се забележува и во воздушниот сообраќај. Аеродромите во Скопје и Охрид од почетокот на годината до 25 октомври опслужиле 3.651.073 патници, што е зголемување од 28 проценти во споредба со истиот период лани. Бројот на летови, пак, е зголемен за 10 проценти и достигнал 24.232.

Владините политики за субвенционирање на авиолиниите и инвестициите во аеродромската инфраструктура придонесуваат за подобра поврзаност на Македонија со европските и светските дестинации. Со модернизацијата на охридскиот аеродром, во која ТАВ инвестираше 2,7 милиони евра, дополнително се подобрени условите за прифаќање на патниците.

Дополнителен придонес за развојот на туризмот има воведувањето на 28 нови директни авиолинии од Скопје и Охрид. Новите дестинации се отвораат кон Париз, Барселона, Амстердам, Мадрид, Прага, Истанбул, Милано, Виена и други европски градови, со што Македонија станува подостапна за странските посетители и поповрзана со меѓународните пазари.