Почетна ЕкономијаТрипуновски: Млади земјоделци се стимулираат преку мерки да се вратат во земјоделството

Трипуновски: Млади земјоделци се стимулираат преку мерки да се вратат во земјоделството

од nenad
1 минути читај за

Поради несоодветни политики во минатото, денес сме сведоци на одлив на млади луѓе од руралните средини кон урбаните центри – тие го напуштаат земјоделското производство.

“Сето тоа се случува бидејќи гледаат како нивните семејства во текот на земјоделското производство немале рентабилност”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

“Преку новиот Закон за земјоделство и рурален развој, кој претставува темел на земјоделското производство, работиме на воспоставување на правила на игра. Во законот има неколку поглавја, од кои едно е регулацијата на пазарот, откупот на земјоделските производи, субвенционирањето и слично. Токму тука е делот што ги дефинира насоките по кои ќе се движиме”, појасни министерот во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Тој исто така додаде дека Министерството работи на привлекување на млади лица во аграрниот сектор. “Ние во изминатиот период објавивме низа јавни повици каде што финансиски ги кофинансираме младите до 40 години. Еден од јавните повици беше т. н. мерка за млад земјоделец, каде што се даваат грантови до 10,000 евра. Дополнително, имаше два јавни повици за распределба на земјоделско земјиште каде што приоритет имаа младите луѓе”, посочи Трипуновски.

Тој потенцираше дека тековно се активни јавните повици за модернизација на земјоделството, набавка на трактори и дополнителна механизација. Министерот додаде дека Министерството објавило и јавен повик за продажба од домашен праг. Ова претставува серија мерки каде што при аплицирање предност имаат младите луѓе.

“Во Законот за земјоделство и рурален развој предлагаме младите брачни парови кои ќе одлучат да се вратат на село со одреден бизнис план да ги помогнеме”, додаде Трипуновски во интервјуто и истакна дека од следната година, кога ќе стапи на сила Законот за земјоделство и рурален развој, ќе има голем интерес за мерките за враќање на младите во селата.

вј/ев/Фото: МЗШВ .
Извор: МИА