Ви откриваме како да не ви се распадне сармата при готвењето
Правењето сарма претставува голем предизвик за многу домаќинки, а повеќето имаат проблем со тоа што сармата им се распаѓа при готвењето. За да го одбегнете распаѓањето на сармата, треба да ја виткате на следниов начин:
Измијте ги листовите зелка и пресечете го коренот, па на работ ставете фил од мелено месо. Завиткајте, па со прст вовлечете ги рабовите од двете страни навнатре. Вака сармата никогаш нема да ви се распадне при готвењето и ќе изгледа совршено кога ќе ја послужите.
Редење на сармата:
Редењето на сармичките во лонец, исто така, е умешност. На дното од садот се ставаат 3-4 листови неискористена кисела зелка, а преку нив се посипува сечкана сланина и ситно сечкано чешне лук. Се става и бибер во зрно и лавров лист. Дури потоа се редат сармите: прво во круг по краевите, а потоа помеѓу, додека се покрие дното. Преку првиот ред се става какво било суво месо, но најдобро суви ребра.
Поврзани објави
Потоа, повторно се редат сарми, меѓу кои се вметнуваат парчиња исчистен лук и сланинка или парчиња суви ребра, па повторно сарми, ако ви останале. Колку масна ќе биде сармата зависи од тоа колку се масни сувите ребра и колку сланина ќе ставите во лонецот. Имајте предвид дека оризот ќе впие многу од маснотиите и дека сармата е калорично јадење. Кога ќе завршите со редењето на сармата, прелејте ја со ладна вода за да се потопи убаво, па ставете ја да се пече.
Со оглед на тоа што оризот во сармата ќе ја впие речиси сета вода, мора да ги долевате сармите, но со млака вода и обилно. Најдобро е да ги приготвувате сармите во поголем сад. Потоа, оставете ги да се крчкаат колку сакате, ништо нема да им биде.
Се верува дека колку подолго се крчкаат и што повеќе пати се подгреваат, толку повкусни се сармите. Сепак, одбегнувајте го второто заради здравје, а ако имате таква можност, сармата има најдобар вкус кога се јаде од глинени садови.
ФОТО: ДОБРА ХРАНА