„Младоста помина, соцреализмот заврши, но демоните на некогашната страст останаа, удавени во алкохолот на она што не се случи“ – Георги Господинов, „Физика на тагата“. Седете мирни сега, возиме брзо, може да биде опасно, им реков на децата додека возевме на автопатот Тетово – Скопје. Тато, колку брзо возиме, ме прашува шест-годишната ќерка возбудено. Сто километри на час, ѝ одговарам. Колку деца се тоа во секунда? Триесет и шест деца во секунда. Со толкава брзина се движел по булевар „Партизански одреди“ Васил Јованов, алијас Васо, во своето „Пежо 207“, ноќта на 29 јануари. Кога се приближил до крстосницата кај „Силбо“, наместо да запре зад автомобилот кој застанал на пешачки, тој го заобиколил од десната страна. Потоа директно удрил во Фросина Кулакова, која во тој момент го преминувала булеварот, и ја усмртил на самото место. Во видеото снимено веднаш по настанот кое се прошири вирално на X, може да се види Васо како се држи за глава и вреска „Што направив?! Што направив бе?!“. Само два дена подоцна, додека се одржуваше првиот протест за смртта на Фросина, барајќи правда и одговорност, на неколку километри од местото на несреќата, друга жена удри пешак и побегна. Ден потоа, во Битола, уште една сообраќајна несреќа – 89 годишен пешак се здобил со тешки телесни повреди. Секој ден нова трагедија.