Претседателот на ССМ е дециден дека Владата во иднина треба да преземе други мерки за да го заштити стандардот на граѓаните и по никоја цена да ги информира или да се консултира со трговците за идните потрошувачки кошнички. ССМ не може да повика на бојкот на трговците кои се богатат на грбот на грѓаните, ама на виделина ќе им ги извади завршните сметки, за да се види како остварувале енормни профити, вели претседателот Слободан Трендафилов за „Слободен печат“ на прашањето дали и кај нас е можен бојкот против дивеењето на цените по теркот на Хрватска.
-Колку што сум информиран повикот за бојкот против хрватските трговци е од тамошното Здружение на потрошувачи, но најавувам порадикални чекори во наредниот период. Она што ние ќе го сториме во наредниот период, а е во врска со односот на трговците е на видели да им ги извадиме завршните сметки на најголемите трговски синџири, за граѓаните сами да се уверат што им се прави во продавниците – додава Трендафилов. Тој е дециден дека Владата во иднина треба да преземе други мерки за да го заштити стандардот на граѓаните и по никоја цена да ги информира или да се консултира со трговците за идните потрошувачки кошнички. -И ние, ама и Владата, видовме што се случи со новогодишната акција – а тоа беше енормно, нејасно и неоправдано зголемување на цените на одредени артикли, чии што берзантски цени во меѓувреме се намалија. И додека цената на пченицата на берзите падна за 13,9 отсто, кај нас лебот поевтини за само 1 денар, додека брашното, оризот тестенините, солта, шеќерот, јајцата, маслото за јадење, путерот, сирењата отиода нагоре – наброи Трендафилов.