Американскиот претседател Доналд Трамп ја одби понудата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за договор во врска со царините.
За да добие одложување на опсежните царини, Европската Унија ќе мора да се согласи да купи американска енергија во вредност од 350 милијарди долари, изјави Доналд Трамп, отфрлајќи ја понудата од Брисел за царини „нула за нула“ за возила и индустриски производи.
Ова е одговор на изјавата на Урсула фон дер Лајен, која предложи укинување на царините на блокот за автомобили и индустриски добра увезени од САД, доколку Трамп возврати со истата мерка. На прашањето дали оваа понуда е доволна, Трамп одговори: „Не, не е“.
„Имаме дефицит со Европската Унија од 350 милијарди долари и тој брзо ќе исчезне“, рече Трамп, повторувајќи дека еден од начините да се промени тоа е ЕУ да купува енергија од САД. „Можеме да собереме 350 милијарди долари за една недела. Мора да купат и да се обврзат дека ќе купат слична количина енергија“, нагласи тој.
Предлогот на Фон дер Лајен дојде откако Трамп минатата недела воведе царини од 20 проценти за ЕУ и минимален данок од 10 проценти за останатите трговски партнери. Како резултат на тоа, финансиските пазари ширум светот изгубија милијарди долари, а европските акции во понеделникот го забележаа најголемиот еднодневен пад од почетокот на пандемијата на Ковид-19, пишува Политико.
Трамп изјави дека царините би можеле да бидат постојани или да се преговараат, но под познат услов: „Ако можеме да направиме навистина фер и добар договор за САД, а не добар за другите. Сега Америка е на прво место“, нагласи тој. Своите постапки ги објасни со следните зборови: „Нашата земја беше најсилна од 1870 до 1913 година. Знаете ли зошто? Се беше засновано на царини. Немавме данок на приход. Тогаш во 1913 година некој генијалец дошол на идеја да им наплати на луѓето во нашата земја, а не на странските земји кои крадат од нашата земја“, пренесува Н1.
јт/Фото: ЕПА.