Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека планираните давачки за фармацевтските производи кои се увезуваат во државата, би можеле да достигнат и до 250 проценти, информира Си-Ен-Би-Си. Ова претставува највисока стапка со која досега се заканил.
“Ќе започнеме со мала ставка”, изјави Трамп во телевизиско интервју, “но за една година, година и пол, ќе се искачиме на 150 проценти, а потоа на 250”. Тој појасни дека крајната цел е да се врати производството на лекови во Соединетите Американски Држави.
Според Cи-Ен-Би-Си, претседателот континуирано упатувал слични закани, кои подоцна биле омекнати или целосно повлечени. На почетокот на јули, тој се закани со давачки од 200 проценти за увезени лекови.
Неговата администрација иницираше истрага во април, согласно член 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година, кој му дозволува на претседателот да воведува тарифи за заштита на националната сигурност. Трамп тврди дека давачките ќе ги поттикнат фармацевтските компании да го вратат своето производство на американска територија. Овој сектор во Соединетите Американски Држави бележи значителен пад во изминатите децении.
Во изминатите шест месеци, компании како што се „Ели Лили“ и „Џонсон и Џонсон“ објавија нови инвестиции во земјата. „Сакаме лекови да се произведуваат во земјата“, нагласи Трамп.
Минатата седмица, тој испрати писма до 17 фармацевтски фирми, апелирајќи до нив да се обврзат на мерки за намалување на цените до 29 септември. Меѓу неговите барања е обезбедување на комплетен список на постоечки лекови по најниска цена што се нуди во другите развиени земји за секој пациент во програмата „Медикејд“.
Трамп денеска во интервју за Си-Ен-Би-Си рече дека ќе воведе и нови царини за увоз на полупроводници и чипови – мерка што ќе биде воведена „уште следната недела“. “Ќе ги објавиме царините затоа што сакаме овие производи да се произведуваат и во Соединетите Американски Држави”, нагласи американскиот претседател.
рп/Фото: МИА архива
Извор: МИА