Американскиот претседател, Доналд Трамп, сигнализираше дека неговата администрација би можела да започне истрага за рекетирање против Џорџ Сорос или неговото семејство, обвинувајќи го за финансирање демонстрации, пренесоа домашните медиуми.
Трамп во изјава за “Фокс енд френдс” истакна дека демонстрантите се платени за нивните активности од Сорос и други лица, и изрази уверување дека случајот може да потпадне под Законот за организации под влијание на рекетари и корумпирани организации (RICO).
Оваа објава на Трамп доаѓа само неколку дена откако беше засретнат од демонстранти во луксузен ресторан во Вашингтон кои скандираа “ослободете ја Палестина” и го споредуваа претседателот со Хитлер. Фактот што знаеле дека Трамп е во ресторанот во тој момент, покрена грижи за безбедноста во Белата куќа, коментираат американските медиуми.
“Ќе го разгледаме случајот Сорос, бидејќи верувам дека има основа за постапка против него и други лица, според Законот за организации под влијание на рекетари и корумпирани организации”, изјави Трамп. “Затоа што ова е повеќе од обични протести. Ова е вистинска побуна”, додаде тој.
Законот за организации под влијание на рекетари и корумпирани организации, познат како “RICO Закон”, најчесто се употребува за кривично гонење на организираниот криминал.
Во реакција на обвинувањата, портпарол на Фондацијата Отворено општество нагласи дека организацијата “не поддржува ниту финансира насилни протести” и дека тврдењата за спротивното се невистинити, а заканите кон нејзиниот основач и претседател се скандалозни.
Трамп претходно изјави дека Сорос “и неговиот прекрасен син на радикалната левица треба да бидат предмет на истрага”, иако не беше целосно прецизно на кој син мислеше. Алекс Сорос, еден од синовите на милијардерот, ја извршува функцијата претседател на одборот на директори на Фондацијата Отворено општество, основана од Џорџ Сорос и е една од најголемите и највлијателните филантропски институции на глобално ниво.
јт/Фото: ЕПА. Извор: МИА