Во живо обраќање од Овалната соба, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство постигнаа трговски пакт.
Тој нагласи дека тоа е првиот “фер, транспарентен и реципрочно ориентиран трговски договор” кој ќе им користи на американските производители на месо, етанол и други извозници.
Тој додаде дека Велика Британија е еден од најценетите сојузници на САД и дека спогодбата не е само економски важна, туку ќе се “проширува сам по себе”.
Од Лондон, британскиот премиер Кир Стармер го опиша денот како “фантастичен и историски”. Тој истакна дека договорот ќе ја зајакне вработеноста и размената на двете страни на Атлантикот.
“На Денот на победата во Европа, кога стоевме рамо до рамо како сојузници, сега ја прошируваме таа соработка и на трговијата”, изјави Стармер.
Клучни одредби од спогодбата: -Елиминација на давачките за мотори и компоненти на “Ролс-Ројс” наменети за авиони. -Извоз на 100.000 британски автомобили годишно во САД со задржување на иницијална царина од 10%.
-Упростена царинска процедура за американските извозници, без бирократски пречки. -Отворен пристап за американски земјоделски производи, вклучувајќи говедско месо и етанол.
-Договорот опфаќа и американски хемиски производи и машини.
Според предвидувањата, американските извозници ќе добијат “дополнителни 5 милијарди долари можности”, додека постоечките давачки од 10 проценти ќе генерираат дополнителни шест милијарди долари приход за САД, изјави американскиот министер за трговија Хауард Лутник.
Британскиот амбасадор во САД, Питер Манделсон, го оцени договорот како “отскочна даска” за технолошки партнерства и заеднички развој на идни индустрии.
Тој му се заблагодари на Трамп за исполнувањето на ветувањето дадено на Стармер за време на претходна посета.
“Ако глобалната трговија се ребалансира, подобро е тоа да го правиме заедно отколку одвоено”, рече Манделсон.
Трамп потврди дека завршните детали од спогодбата сè уште не се целосно завршени, но нагласи дека станува збор за “завршен договор”.
Иако јавноста сè уште не ги знае сите технички аспекти, Белата куќа јасно ја постави оваа спогодба како пример што би можеле да го следат и други држави.
Според Трамп, повеќе од 80 држави веќе покажале интерес за слични преговори. ссм/фото: ЕПА.
Извор: МИА