Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека Австралија, по многу години, конечно се согласила повторно да увезува американско говедско месо, нарекувајќи го тоа „непобитен доказ дека американското говедско месо е најбезбедно и најдобро во светот“ и испрати предупредување до другите земји кои сè уште одбиваат.
„По многу години, Австралија прифати да увезува американското говедско месо! Иако сме добри пријатели, долго време го забрануваа нашето говедско. . . Останатите земји кои го одбиваат нашето величествено говедско месо се предупредени“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл (Truth Social).
Тој додаде дека американските сточари се „меѓу највредните и најпрекрасните луѓе“ и порача дека ова е „златна ера на Америка“.
Австралија вчера соопшти дека ги релаксира правилата за биолошка сигурност и дозволува пообемен увоз на американско говедско месо, вклучувајќи месо од добиток со потекло од Канада и Мексико, но одгледуван и заклан во САД.
Според австралиското Министерство за земјоделство, одлуката е резултат на долгорочна проценка на американските системи за следење и контрола на добитокот.
Иако Трамп и неговите соработници ја претставија одлуката како крупен трговски успех, австралиските власти истакнаа дека станува збор за независна одлука, а не исход на билатерални трговски преговори.
„Ова не го сторивме за да ги привлечеме Американците кон трговски договор. Тоа треба да го направат и без тоа”, изјави австралискиот министер за трговија Дон Фарел.
Сепак, одлуката предизвика загриженост кај дел од австралиската опозиција.
Министерот за земјоделство од владата во сенка, Дејвид Литлпрауд, предупреди дека тоа може да ги поткопа строгите стандарди за биолошка сигурност.
„Треба да знаеме дали владата ги жртвуваше нашите стандарди само за премиерот Албанезе да добие средба со претседателот Трамп“, изјави тој.
Аналитичарите сметаат дека ефектот од промената ќе биде претежно симболичен, бидејќи Австралија самата е меѓу водечките светски извозници на говедско месо, со пониски цени од американските. Лани, Австралија извезла речиси 400,000 метрички тони говедско месо во САД, додека американскиот извоз во Австралија бил само 269 тони.
ссм/фото: архива
Извор: МИА